Нема никакви опасности од федерализација. Македонија е едно општество и ќе биде едно општество, еднакво за сите граѓани, за тоа се залага СДСМ, вели Мухамед Зекири од оваа партија во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Изјавите на Зоран Заев за двојазичноста беа проследени со бурни реакции во јавноста, но и тези и поранешни стравови за можна федерализација на Македонија. Дали Македонија оди кон федерализација?
Апсолутно не. Значи ВМРО-ДПМНЕ нема што да им понуди на сопствените гласачи и на граѓаните во Македонија, затоа се занимаваат со такви теми. Работата со двојазичноста е решена уште со Рамковниот договор, тоа е решено во Уставот на Република Македонија. Претседателот на СДСМ не кажа ништо друго освен тоа што е предвидено во Уставот на Република Македонија. Друг е проблемот што ВМРО-ДПМНЕ, заедно со нивниот коалициски партнер ДУИ, ја користеа таа тема за да подгреваат етнички тензии. Ништо не треба друго, освен да се почитува Уставот. СДСМ не кажува ништо дополнително од тоа, освен што предвидува Уставот. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за таа работа беа махери – да подгреваат етнички тензии и тие се уште мислат да играат на националистичка карта. Може да замислете какви беа реакциите во нашето општество во 2001 кога се потпишуваше Охридскиот договор. Демек ако се потпише тој договор – готово ќе ја снема Македонија. Еве кај сме. Македонија е и таква ќе остане, значи нема никакви опасности од федерализација. Македонија е едно општество и ќе биде едно општество, еднакво за сите граѓани, за тоа се залага СДСМ и со таа опција излегува пред граѓаните на Република Македонија.
Имате ли конкретен договор со која од албанските опозициски партии СДСМ ќе коалицира пред избори и доколку нема таков договор, кој би бил евентуален ваш партнер по изборите?
Рано е да се зборува за тоа. СДСМ е во коалиција со граѓаните и ќе продолжи да биде. Во тек се преговори со традиционалните коалициски партнери. Кога ќе завршат тие преговори секако ќе биде објавено во јавноста, транспарентно. СДСМ е отворена за соработка и со помалите опозициски албански партии. За останатите партии, секако имало контакти и ќе има, но се уште нема конкретен исход од тие разговори, тие течат и во моментот кога ќе има нешто за соопштување, тоа ќе се соопшти.