Завршува осумдневната вонредна состојба, од среда стартува изборната кампања

Од:

Денеска истекува осумдневната вонредна состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски со цел да се спроведат неопходните подготовки за организација на предвремените парламентарни избори на 15 јули.

Последната, петта, вонредна состојба беше прогласена на 15 јуни по постигнатиот договор меѓу лидерите на владејачката СДСМ Зоран Заев и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за терминот за изборно соочување.

Шефот на државата ја образложи одлуката за нова вонредна состојба со потребата да се овозможи непречена подготовка на изборите, а особено спроведување на мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес, во услови на пандемија на Ковид-19. Осумдневната вонредна состојба беше дадена за да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите.

Предвремените парламентарни избори првично требаше да се одржат на 12 април, но поради кризата со коронавирусот и прогласувањето на првата вонредна состојба во март, со владина уредба изборните дејствија беа прекинати. По повеќенеделни неуспешни разговори, консултации и неколку лидерски средби кај претседателот, власта и опозицијата на средината на месецов конечно постигнаа договор за избори на 15 јули.

На предвремените парламентарни избори, според поднесените листи до ДИК, ќе учествуваат 15 коалиции и партии со 1.598 кандидати.

Изборната кампања почнува в среда, на 24 јуни. Партиите ветија фер и демократски избори за што потпишаа и кодекс. Најавија дека ќе се фокусираат на кампања која ќе биде безбедна по здравјето на граѓаните, без големи настани и митинзи, со зголемено користење на социјалните мрежи, традиционалните медиуми, билборди, и друг тип на онлајн претставувања.

Партиите и коалициите кои ќе учествуваат на изборите, своите програми ќе можат да ги преставуваат до 12 јули во 24 часот кога, според ревидираниот роковник на ДИК, завршува изборната кампања.

Гласањето на предвремените парламентарни избори ќе се одвива три дена, а на изборниот ден ќе биде продолжено за два часа и ќе трае од 19 до 21 часот.

На 13 јули ќе гласаат лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат.

На 14 јули 2020 година ќе гласаат немоќните и болните лица, како и хронично болните и останатите лица кои согласно Изборниот законик гласаат еден ден пред одржувањето на изборите.

На изборниот ден, на 15 јули, избирачките места ќе бидат отворени во 7 часот, а гласањето ќе трае до 21 часот, два часа подолго од вообичаеното на претходните избори кога гласачките места се затвораа во 19 часот.

Би можело да ве интересира

Украина од полноќ во вонредна состојба

А1он

Следува уште една изборна година

Ана Ололовска

Австралиската држава Викторија уште шест месеци во вонредна состојба

Жарко Настоски

Претседателот Пендаровски ги прати одлуките за прогласување на вонредна состојба до Собранието на потврдување

Жарко Настоски

Усогласување на владината програма и распределба на кадри во преговорите меѓу СДСМ и ДУИ

Ана Ололовска

ВИДЕО: ВМРО-ДПМНЕ бара Антикорупциската да отвори случај за финансирање на изборната кампања на СДСМ

А1он