Следува уште една изборна година

Од:

Во новата година граѓаните ги очекува продолжување на борбата со Ковид-19, но и покрај тоа животот, како приватниот така и општествениот мора да продолжи почитувајќи ги сите мерки и рестрикции што ги носи со себе оваа светска пандемија. Иако во специфични и вонредни услови, политичкиот живот во последниот месец од старата година се интензивира, особено во Парламентот. Владејачкото мнозинство со комплетна поддршка за владините политики и најави за зголемување на мнозинството. Со исти најави настапува и опозицијата.

Најавува ли ова интензивирање на активностите на политичките чинители, можни ли се евентуални нови парламентарни избори во 2021, но без разлика на тоа на есен не очекуваат редовни локални избори. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски веќе побараа нови парламентарни избори, паралелно со локалните. Причини за тоа, според нив, има повеќе – лошото справување со пандемијата со Ковид-19, разговорите со Бугарија и немањето датум за првата меѓувладина конференција, економската состојба во земјата…

Премиерот Зоран Заев во новогодишното интервју за МИА изјави дека нема предвремени избори и нема да има неосновано изнудување на оставка на Владата и оти нема ниту потреба, ниту логика за оставки.

-Таквата постапка би била изневерување на сите што дадоа поддршка за европската агенда на земјата. Владата е стабилна, поддржана од стабилно мнозинство во Парламентот, рече Заев.

Зборувајќи за можноста за предвремени парламентарни избори, кои ги бара опозицијата, по бугарското вето, но и за работата на Парламентот во ситуација, кога и власта и опозицијата излегуваат со тврдења дека го зголемуваат бројот на пратениците, нагласи дека е почнат процесот на европеизација на земјава и спроведување на реформска агенда до конечно членство во ЕУ. Тоа, додаде тој, е стратешка цел на Владата, одобрена од мнозинството граѓани на последните избори.

-Довербата на мнозинството граѓани кои ја дадоа на политиките на оваа влада беше заради одлучната намера да ги решава сите прашања, вклучително и ова тешкото со Бугарија. Мицкоски нека си погледне во сопствениот двор на белиот дворец, нека размисли и гласно нека си одговори себеси, кој е тој што вообичаено и логично треба да поднесе оставка после толку изборни порази, порача Заев.

Избори, барем локални, секако дека треба да има, но има повеќе дилеми – ќе има ли промени на изборниот модел, дали граѓаните кои се изморени од пандемијата, од гласање секоја година, од актуелната политичка ситуација во земјата вклучително и од одредени потези на опозицијата, ќе излезат на тоа изјаснување, или не очекува уште едно намалување на процентот на излезеност.

Локални избори во октомври

Крајот на 2020 година во контекст на изборите ќе го одбележи отпочнување на постапката за избор на нов состав на Државната изборна комисија, чиј мандат, првично беше шест месеци, па потоа се продолжи, и сега завршува на 15 јануари. Иако генералните оценки за работата на овој состав на ДИК беа позитивни, дамка во работата на националното изборно тело остави паѓањето на софтверот при пребројување на резултатите на последните предвремени парламентарни избори на 15 јули. Изборите поминаа во крајно специфични услови поради Ковид-19. Различните категории граѓани гласаа три дена, а првиот ден тоа им беше овозможено и на лицата позитивни на Ковид-19 или во самоизолација кои се пријавија за тоа. Пропуст беше тоа што тие што се пријавуваат мораа да имаат решение за самоизолација, а рокот за пријавување завршуваше една недела пред гласањето. Според одредени проценки, неколку илјади лица биле оневозможени да гласаат поради овој недостиг. За споредба во Србија каде исто така имаше избори, лицата со Ковид-19 или во изолација немаа можност да го остварат правото на глас.

Повеќе години политичките партии од опозицијата и власта, како и одредени граѓански организации се вклучени во разговари за измени на Избориот законик во насока на подобрување на изборниот процес, но пред одржувањето на последните парламентарни избори на 15 јули не беше постигнат конечен договор. Гласно се бараа отворени листи, зголемување на квотите за жените, нова или друга методологија за прочистување на избирачкиот список и друго. Министерот за правда Бојан Маричиќ неодамна најави нови разговори за измени на Изборниот законик.

Експертската јавност и граѓанскиот сектор, но и дел од политичките партии сметаат дека треба да има промена во изборниот модел, но во минатото делуваше дека тоа повеќе е декларативно отколку дека навистина ќе се случи.

Граѓанската организација МОСТ долги години работи на мониторирање на избори, но исто така нејзини претставници се вклучени во процеси на промена на Изборниот законик.

– МОСТ веќе 10 години се залага за воведување на отворени листи, а видовме дека и министерот ја најави оваа промена која беше дел и од кампањата на владејачката партија, вели извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов.

Зборувајќи за промените што треба да се случат, Алексов истакнува дека составот на ДИК останал како прашање кое се провлекува уште од пржинските реформи.

-Тука е најважна волјата на политичките партии, зашто тие се оние кои имаат влог во процесот, па поради тоа нормално е да сакаат да бидат вклучени и во носењето на одлуки во истиот. Од друга страна, на последните неколку изборни процеси ДИК работеше колегијално и скоро сите одлуки ги донесе едногласно што покажува дека кога има волја, институциите може да работат во согласност со законските прописи. Сепак, сегашниот состав на ДИК (четири члена од власт, три од опозиција) остава можност во иднина повторно да се соочиме со одлучување по партиски линии, така што можеби треба да се размислува за механизам или за состав на ДИК кој би ја оневозможил оваа практика, посочува Алексов.

Друго отворено прашање, додава тој, е начинот на водење и ажурирање на Избирачкиот список и неговото поврзување со Централниот регистар на население, што би требало да придонесе кон поточни податоци во Избирачкиот список.

-Заради тоа, потребно е да се воспостави унифициран протокол според кој сите институции кои се задолжени за доставување на податоците за Избирачкиот список ќе ги внесуваат податоците, за да немаме ненамерни грешки кои подоцна се злоупотребуваат за да се тврди дека Избирачкиот список не е ажуриран, потенцира Алексов.

Мониторирањето на медиумите не е аспект кој МОСТ го набљудува, но секако дека и тоа е дел од аспектите што треба да се подобруваат, а особено улогата на порталите кои, како што посочува Алексов, гледаме дека предизвикуваат огромна штета со ширењето дезинформации.

Извршниот директор на МОСТ укажува и на потребата за промени кај финансирањето на платеното политичко рекламирање од Буџетот за што имаше реакции во јавноста, особено, вели, од етички аспект, земајќи ја предвид црната кампања која што беше застапена кај дел партиите.

-Оттаму, потребно е да се забрани употребата на црната кампања, посочува Алексов.

Избори во пандемија од Ковид-19

И покрај тоа што локалните избори би требало да се организираат есента во 2021 година, сепак постои голема веројатност дека тие повторно би се одржале во специфични услови поради Ковид-19.

Професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, Александар Спасеновски вели дека планирањето и организирањето на избори за време на ваква пандемија од историски размери е исклучително голем предизвик за државите.

-Според јавно достапните податоци, од почетокот на пандемијата до денес, во 47 држави-членки на Советот на Европа, од вкупно 57 предвидени граѓански изјаснувања, 13 избори или референдуми биле одложувани од времето кога првично биле планирани. Тоа, пак, не води до заклучокот дека државните власти во европските држави, во однос на пандемијата реагираат на два начина: го темпираат тајмингот на одржувањето на изборите во согласност со општите трендови на ширењето на вирусот во државата и/или ги организираат предвидените граѓански изјаснувања, применувајќи многу построги мерки на заштита, вели проф. д-р Спасеновски.

Искуството од овие девет месеци колку што трае пандемијата, покажува дека институциите на државите со различен степен на успешност ги спроведуваат изборите, при што главен проблем, како што смета тој, е поголемата апстиненција на граѓаните, која се јавува, главно заради чувството на несигурност.

-Таков беше случајот со последните парламентарни избори во Македонија кога, споредено со претходните избори, дури 15 отсто помалку граѓани го остварија своето избирачко право, со што, на некој начин може да се отвори и прашањето поврзано со легитимитетот на изборите, посочува проф. д-р Спасеновски.

Имајќи го предвид тоа, професорот смета дека главната задача на институциите е преку една широка дебата да направат добра проценка за датумот на одржувањето на следните локални избори низ призма на очекувањата за помасовна вакцинација на населението против Ковид-19 вирусот, бидејќи на тој начин и драстично би се намалиле (или би исчезнале) и причините кои го усложнуваат организирањето на изборите.

Извршниот директор на МОСТ Алексов вели дека гласањето на последните парламентарни избори на 15 јули 2020, вклучувајќи го и гласањето на лицата кои беа во изолација, се спроведе во согласност со сите протоколи и, според него, не би требало да се прават промени.

-Лицата кои се во изолација имаат рок да се пријават за гласање во домашни услови. Овој рок е потребен за да има доволно време да се одлучи по барањата и е ист со оној за пријавување на болни и немоќни лица. Дополнително, дури и во нормални услови, оние коишто би биле хоспитализирани од која била причина во овој период, нема да можат да го остварат своето гласачко право. Исто така, лицата кои се во болници или војниците, не можат да го остварат своето гласачко право. До скоро и лицата кои се во установи за вонсемејна грижа (или т.н. старски домови) не можеа да гласаат, посочи Алексов.

Она што е важно, потенцира тој, е што случајот со лицата кои се во изолација, државата презема дополнителни мерки за да им обезбеди да гласаат, со што на поголем број граѓани им овозможува да го остварат своето гласачко право.

-Можеби би требало да се размисли рокот за пријавување да се приближи до изборниот ден, за да нема многу лица во изолација кои ќе не можат да се пријават за гласање. Од друга страна, треба го имаме предвид и процесот на развивање на вакцините кои веќе започнаа да се употребуваат, така што доколку вакцинацијата започне на пролет, сигурно ќе се соочиме со сосема поразлична ситуација, па бројот на лица кои ќе треба да гласаат во домашни услови ќе се намали и нема да има потреба за спроведување на дел од превентивните мерки или за нивно спроведување за сите гласачи, истакна Алексов од МОСТ.

Од МОСТ велат дека според извештаите на набљудувачите во Србија и во Хрватска, на пример, гласањето се спровело во најдобар ред, гледајќи од здравствен аспект. Во Хрватска дури и се јавил проблем бидејќи на лицата заболени од Ковид-19, па дури и оние што имале симптоми, не им било дозволено да гласаат. Потсетуваат дека оваа одлука на тамошната Државна изборна комисија била обжалена пред Уставниот суд кој одлучил дека на сите граѓани мора да им се овозможи правото на глас.

Би можело да ве интересира

Германските медиуми за изборите во Хрватска: Најверојатно ќе започне фаза на нестабилност

(ВИДЕО) Интервју со Димитриевски: Исклучувам постизборна коалиција со СДСМ, дел од раководството треба да одговара

Александар Тодески

Потпишан Кодексот за фер и демократски парламентарни избори

Горан Наумовски

Отворени избирачки места на парламентарните избори во Хрватска

Нема плата ако не гласате, не може да извадите возачка, парични казни – Земји каде гласањето е задолжително

Десна на Палчо излегува на парламентарни избори: Новиот претседател на партијата носител во единицата

Александар Тодески