Заврши третиот летен камп по веронаука, во Бигорскиот манастир и неговиот метох, манастирот „Свети Георгиј Победоносец“, кај дебарското село Рајчица.
Учесници на кампот беа триесетина деца од Скопје и од други градови на нашата земја.
Секое знаење го збогатува човекот, но знаењето за Бога особено ја весели душата човечка, вели сестра Ефимија и додава дека можеби токму затоа децата се најмногу радосни кога учат за Бога и Неговата неискажлива љубов кон нив.
– Тоа го потврди и оваа група на млади учесници на летниот камп кои во изминатите денови другаруваа со браќата и сестрите од нашите два манастира, заедно со нив учеа, ги упатуваа своите чисти молитви на заедничките богослужби во храмот, пожртвувано учествуваа во манастирските послушанија, трудејќи се во секој поглед да му ја покажат на Бога својата искрена љубов и верност, изјави сестра Ефимија.
Четвртиот летен камп по веронаука почнува во понеделник, а манастирски гости ќе бидат четириесеттина деца од Радовиш и од Струмица.