Градежните активности за реконструкција на блокот А во студентскиот дом „Гоце Делчев“ се завршени и од следната недела ќе почне префрлањето на студентите од блоковите В и Г, каде ќе отпочне реконструкцијата.
Заменикот министер за образование и наука Спиро Ристовски при денешната посета на домот заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, посочи дека овој зафат чини околу 1,5 милиони евра, средства со кои е извршена замена на вратите, прозорците, подовите, електричната и водоводната инсталација, системот за парно греење, молерисување на ѕидовите и се поставија нови лифтови и комплетно нова опрема во сите соби, додека во унапредување на сместувачките капацитети на домот досега се инвестирани некаде околу 6 милиони евра.
– За двата блока кои досега се обновени, инвестирани се 3 милиони евра. Секој од блоковите во просек имаат меѓу 320 и 335 легла, што само по себе е како една висококатница. Втората крупна инвестиција која се реализира е набавката на мебелот за сите државни студентски домови. Во следните 45 дена се очекува на ниво на цела држава да се заврши со замена на мебелот, а на барање на самите студенти набавени се перални и сушални исклучиво за нивни потреби, изјави Ристовски.
Посочи дека станува збор за инвестиција вредна 200 илјади евра, со што ќе се набават 50 професионални машини за перење и 50 професионални машини за сушење алишта со капацитет до 10 килограми.
– Тие ги ветивме минатата година во рамки на 40 проекти за млади. Од четири блока, блоковите А и Б веќе е се комплетно завршени и следуваат блоковите В и Г. Идејата беше да не се затвори студентскиот дом две години за да се реновира, туку студентите да има каде да престојуваат, а дел по дел да се заврши. Се што ветивме се реализираше, изјави Груевски.
Ристовски, посочи дека реконструкцијата на домот продолжува понтаму за што веќе е избрана компанија која ќе ги обнови блоковите В и Г, со тоа што откако ќе се завршат сите блокови ќе биде извршено и целосно партерно уредување на студентскиот дом.
Директорката на студентскиот дом „Гоце Делчев“ Даниела Темелкова рече дека со реконструкцијата се подигнува студентскиот стандард и студентите ќе имаат поголемо задоволство од својот престој во овој студентски дом.