Социјалната зграда во Пробиштип ќе овозможи решавање на станбеното прашање на 48 семејства од социјално ранливите категории на граѓани. Становите се со површина од 35 – 45 м2, а ќе бидат распределени во транспарентна постапка согласно методологијата на бодирање на кандидати после локалните избори.
Според Генералниот директор на АД за стопанисување со станбен и со деловен простор од значење на Републиката – Кристијан Трајковски, денешната заедничка обиколка на зградата со Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот Драган Анастасов, покажала дека на терен е завршено се што е планирано во проектот.
„Очекувам дека после Нова година и поголемиот дел од социјалните згради што ги започнавме во последниве две години ќе бидат при крај и дека во утврдените временски рокови ќе бидат распределени на граѓаните на кои што им се најпотребни“, рече Трајковски.
Според него, АДИССДП останува силно посветено на социјалната политика заедно со министерот и со сите градоначалници што се вклучени во овој процес, што е и потврда за успешноста на овој проект кој, како што рече, за брзо време ќе се затвори.
Според министерот Бочварски, со градење на објекти од ваков тип Владата покажува посветеност и желба да ги решава суштински потребните прашања кои ги засегаат граѓаните.
„Секоја станбена единица е шанса за подобар живот на наши сограѓани. Со програмата на изградба и одржување на станови во изминатите години се изградени околу 750 станбени единици, а во овој момент во тек на изградба се преку шестотини вакви станови на 8 локации во 8 општини во државата“, рече Бочварски.
Изразувајќи задоволство од завршување на проектот, градоначалникот Анастасов рече:„ Јас ги знам проблемите на овие сограѓани кои ќе можат да аплицираат и да решат еден децениски, долгогодишен проблем, односно да имаат свој кров над глава“.
Вкупната сума на чинење на објектот во Пробиштип изнесува 68,880,116 денари.