Заев за „Та неа“: Не постои подобар договор за двете страни од Договорот од Преспа

Од:

Под наслов „Потребна е политика, а не нови граници“, на насловната страница, викенд изданието на грчкиот весник „Та неа“ го пренесува интервјуто со македонскиот премиер Зоран Заев.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во опширното интервју премиерот Заев вели дека не постои подобар договор од актуелниот, изразува надеж дека пратениците ќе ја почитуваат волјата на граѓаните кои гласаа на референдумот. Потенцира дека е време Балканот од буре барут да стане извор на стабилност, а говори и за текот на преговорите, но и упатува порака до Грција дека сега имаме можност за историски успех како инвестиција за иднината.

Во пресрет на гласањето за уставните измени, премиерот вели дека исполнувањето на визијата за иднината на земјата, поддржана од мнозинството граѓани на референдумот, сега е во рацете на секој член на Собранието.

– Сите членови на Собранието, независно од нивната политичка поставеност, имаат историски долг во име на граѓаните да го обезбедат патот на земјата кон стабилност, безбедност и економски просперитет. Тоа е патот кон ЕУ и НАТО што поминува преку Договорот од Преспа. Очекуваме од членовите на нашето Собрание да донесат одлука во оваа насока, како доказ дека ја почитуваат волјата како на граѓаните кои гласаа на референдумот, така и на околу 80% од граѓаните кои одобруваат и континуирано бараат интеграција на нашата земја во НАТО и ЕУ, вели Заев и објаснува дека ако „пратениците од ВМРО-ДПМНЕ продолжат да одбиваат да преземат одговорност и останат на нивните позиции кои што се закана за иднината на земјата, тогаш парламентарното мнозинство ќе гласа за предвремени избори“.

За резултатот од референдумот, Заев вели дека гласаа над 660.000 граѓани од кои над 90% беа „ЗА“ и објаснува дека теоретски требаше да излезат на гласање 903 169 граѓани, од кои 451 585 да гласаат „ЗА“, а во конкретниот случај бројот на оние кои дадоа позитивен одговор е 609.813 граѓани.

– Зарем ова не е израз на волјата на граѓаните?!, се прашува премиерот во интервјуто.

На прашањето дали можеби големата поддршка од Запад имала бумеранг ефект, Заев вели дека е полесно да успееш кога имаш пријатели кои што те поддржуваат.

– Нивната желба да ја видат нашата земја како рамноправен партнер во големите сојузи е искрена и силна. Нашите пријатели од меѓународната заедница го поддржуваат процесот, потврдувајќи дека го признаваат идентитетот и нашето државно постоење и ова е израз на почит кон сите граѓани на нашата земја, објаснува Заев во интервјуто, пренесе МИА.

Македонскиот премиер, преку викенд изданието на весникот „Та неа“ испраќа порака до Грција, до владата, опозицијата и граѓаните дека „треба да се задржи добриот дух на соработка и силна политичка волја кои дојдоа од Преспа“ и токму овој дух да ја одредува иднината.

– Заедно имаме единствена можност да пратиме силна порака за стабилност во регионот и Европа, заедно имаме можност да направиме историски успех што ќе биде сериозна инвестиција за иднината, вели Заев, изразувајќи го ставот дека „не постои подобар договор за двете страни од овој“.

Во интервјуто, прашан за отстапките направени во Договорот од Преспа, Заев вели дека не сака да говори за тоа кој што даде и што зема, туку сака да говори за „решенија кои отвораат перспективи за иднината“, наместо за отстапки.

Во однос на регионот Заев објаснува дека македонската влада со политиката што ја следи успеа да ги затвори сите отворени билатерални прашања, „почитувајќи го принципот на отворен дијалог, меѓусебно разбирање и подготвеност за изнаоѓање решенија“.

– Веруваме дека проблемите се решаваат со имплементирање нови политики, а не со исцртување нови граници. Верувам дека решавањето на спорот меѓу нашите земји и нашите народи е историски момент и извор на стабилност за Балканот и за Европа, вели Заев, објаснувајќи дека земјите од регионот само обединети можат полесно и побрзо да се развијат.

Во таа насока додава дека Република Македонија поддржува позитивно решение за Косово, „решение кое ќе го подобри просперитетот на Србите, Албанците и сите граѓани што живеат на Косово и решение кое ќе го гарантира просперитетот на Србија, на Косово и на целиот регион“.

Премиерот објаснува дека мнозинството граѓани и од Македонија и од Грција сакаат решение, мир, стабилност и напредок.

– Време е на светот да му дадеме еден поинаков Балкански полуостров, полуостров на земји кои ги имаат оставено зад себе нивните предрасуди и историски отстапки и се насочени кон просперитет на нивните граѓани и градење добрососедски односи. Време е Балканскиот полуостров од буре барут да го претвориме во извор на стабилност, истакнува премиерот.

Во однос на улогата на Русија, премиерот Заев потенцира дека Македонија традиционално негува пријателски односи со Москва и ќе продолжи да работи на развој на односите и соработката, но стратешките цели на Македонија со поддршка од над 80% од граѓаните се НАТО и ЕУ и за тоа не постои алтернативно решение.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, македонскиот премиер во интервјуто говори и за текот на преговорите. Вели дека двете страни стигнале до точка кога сметале дека името Република Илинденска Македонија може да е добра основа за конечно решение, се договориле да се обидат да постигнат широк политички консензус во двете земји, но откако грчки политички кругови не ја дале задоволителната поддршка, продолжиле преговорите кон друго решение со географска или временска одредница, а во игра, биле сите имиња во оваа рамка, предложени од медијаторот Метју Нимиц.

Премиерот вели дека Грција во преговорите покажала вистински интерес за решение, а во исто време и двете страни силно ги бранеле нивните национални интереси.

– Преговорите не беа лесни. Но, сфативме дека ако имаме храброст да направиме компромис, тоа ќе биде во корист и на двете земји, на стабилноста во регионот и ќе ги зајакне евроатлантските структури. Сакам лично да му се заблагодарам на Алексис Ципрас за храброста што ја покажа и за фактот што со мене ја сподели визијата за мирен и просперитетен Балкан како нераскинлив дел од ЕУ, вели Заев.

Во однос на она што предизвика реакции на политичката сцена во Грција, дали македонскиот премиер се сретнал со европратеничката и порптаролка на Нова демократија, Заев вели дека имале кус разговор на кафе во хотелот каде што престојувал, како што било случај и со други европратеници и политичари од други земји за време на неговата тогашна посета на Брисел.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Лицемерие е кога партијата на Заев кој зборуваше за еден народ во две држави и Пендаровски кој праќаше поздрави на “љубави”, да глуми загриженост

СДСМ: Докажете или престанете да лажете за Филипче

Предраг Петровиќ

Заев и Ципрас загрижени за порастот на националистичкиот популизам, ќе работат на зачувување на Преспанскиот договор

A1on

На референдумот во Еквадор беа изгласани мерки за борба против криминалните банди

Ирска на референдумот одлучува за уставната идеја за семејството и улогата на жената во домот

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески