Коалицијата од здруженија за заштита на животни „Заедно за животните, заедно за граѓаните“ најостро ги осудува труењата на животни кои периодов интензивно се случуваат во целата наша држава а пред се градовите Велес (над 30 убиени животни во една вечер), Струга, Охрид и пошироко, и бара темелни и сериозни истраги на овие злодела, како би се фатиле и казниле сторителите.
Воедно се обраќаме до институциите – општинските градоначалници; Министерството за внатрешни работи и локалните полициски станици, како и Агенцијата за храна и ветеринарство – со барање истите јавно и најостро да го осудат убивањето на животни; злоупотребата на отрови кои се закана за животните, но и граѓаните и природата, и чија злоупотреба е криминален акт и дело казниво и со Кривичниот закон и со Законот за заштита и благосостојба на животните.
Бараме истрага која би дошла до можни сведоци на делото; анализа на купувачите на овие високотоксични и разорни супстанци; истрага со која ќе се фатат и казнат насилниците врз животот, природата, животните, кои на коцка ги ставаат и безбедноста и животот на граѓаните.
Се дури овие злодела не бидат перцепирани со сериозност и јавна осуда, насилниците ќе бидат охрабрени да продолжат да сејат агонија и смрт по улиците, да бидат закана за безбедноста на сите и сериозно ќе ја компромитираат хуманоста во нашата земја, како и компромитираат подготвеноста на институциите да ги спроведуваат правото и законите.
Здруженијата за заштита на животни и бројните граѓани го кренаа гласот и се борат против овој константен проблем во Р. Македонија. Сега човечноста на одговорните лица и институциите е на потег, велат оттаму.