Врнежи од дожд денеска повторно се очекуваат на целата територија, а посебно пообилни ќе бидат на југоистокот и истокот од земјава, каде се најавуваат над 30 литри на квадратен метар.
Како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи, овие врнежи се добредојдени во поглед на подобрување на хидролошката сосотојба во земјата.
Во крајните југоисточни и источни делови од земјата локално се најавуваат и поголеми количества на дожд, од 40 до 50 литри на квадратен метар, кои на места можат да бидат и поројни. Од УХМР посочуваат на претпазливот во Гевгелиско-валандовската Котлина и сливот на река Струмица, каде локално е можно брзо формирање на истекувањето кај помалите реки и суводолиците.
Поголемите реки во земјава, како што се наведува, се безбедни во поглед на излевање и овој дожд во најголемиот дел од земјава е долго очекуван и ќе биде добредојден.
По долготрајниот сушен период, во текот на вчерашниот ден имаше врнежи од дожд кои позастапени беа во југоисточните и источните делови од земјата.