Од Владата и кабинетот на премиерот Зоран Заев засега нема одговор дали ќе ги примат вработените во Државниот пазарен инспекторат, кои бараат итна средба и отповикување на најавата за разрешување на директорот Стојко Пауновски. На новинарски прашања за разрешувањето не одговара ниту заменик-претседателот за борба против корупција, криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски. Исто така и министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, не дава одговор на прашања поврзани со Пауновски и ставовите на премиерот. Вработените од Државниот пазарен инспекторат уште вчера имале испратено писмено обраќање до Владата.
„За жал, сеуште немаме одговор по однос на барањето за прием иако петицијата е уште во текот на вчерашниот ден потпишана од речиси сите вработени во Државниот пазарен инспекторат. Она што е најважно е да ја постигнеме таа средба, до тогаш останува само да почекаме“, вели Александра Котели од ДПИ за „А1он“, во името на сите вработени.
Од вчера напладне, министерот Артан Груби кој е задолжен за прераспределување на „рамковните“ административци, не одговара, дали и зошто се чувствува навредено од јавните изјави на Пауновски. Она што е засега познато е само дека тој го поддржува неговото разрешување.
Заменик-претседателот Николовски наместо одговори на прашања, најави обраќање преку соопштение. Па така, не даде став зошто Владата која се залагаше институциите да бидат самостојни, сега ги укорува и најавува разрешување на директори кои имаат различен јавен став од премиерот и министрите. Побаравме прашањата да ни бидат одговорени и откако Владата испрати заеднички став од Николовски и Груби – но не тоа не се случи. Николовски не кажува и кој е тој „претпоставен“ на Пауновски за кој говореше Заев, а со оглед дека Пазарниот инспекторат е засебна институција која работи согласно законите и своите надлежности.
Освен вработените во Државниот пазарен инспекторат кои веќе кажаа дека застануваат зад директорот Пауновски, поддршка за него има и на социјалните мрежи каде се критикува чекорот на Владата и премиерот Заев. Зад Пауновски, според Котели, стои и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани.
Претходно, премиерот Зоран Заев кажа дека очекува да се разреши Стојко Пауновски, бидејќи смета дека има основ за тоа. Ова доаѓа откако претходно Пауновски одби да вработи 35 „рамковни“ административци, бидејќи сметаше дека тие не исполнуваат услови согласно систематизацијата. На ова одговори Заев, кој јавно му испрати порака и му порача да не дава отпор. Пауновски отиде чекор понатаму и кажа дека е разочаран од изјавата на премиерот. Премиерот Заев смета дека Пауновски со изјавите го понижил него, но и Артан Груби како вицепремиер задолжен за прераспределба на рамковните вработени.