Вработените во Клиничкиот центар ќе плаќаат двојно поскап паркинг

Од:

Вработените во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе плаќаат двојно поскап паркинг. Од 350 денари месечен надомест, според предлогот на ЈП Градски паркинзи, цената се зголемува на 800 денари. Советот на Град Скопје во понеделник треба да гласа за предлогот на јавното претпријатие.

Дел од докторите и останатиот медицински кадар на Клиниката реагираат на ваквата предлог – одлука, со оглед на тоа што за нив нема ниту посебен паркинг простор, тие мораат да се снајдуваат во сообраќајниот хаос на Клиничкиот центар, каде што изградбата на катна гаража остана само на најава, а и покрај ова, цената за паркингот се зголемува.

„Зошто нам како на здравствени работници воопшто да ни се наплатува паркинг? Ние треба да имаме бесплатен паркинг обезбеден со картички, како и загарантирани паркинг-места на кои не смее да паркира никој друг освен ние. Колку за пример, приватните болници не наплатуваат паркинг места за медицинскиот кадар, ниту пак за пациентите. А во државната болница не само што се наплатува, туку и цената расте“, реагира доктор од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ за „Макфакс“.

На прашањето од кои причини се зголемува цената за паркингот, Од ЈП Градски паркинзи за „Макфакс“ изјавија дека нема да даваат никакви изјави додека предлог-одлуката не се усвои од страна на Советот на Град Скопје.

Во 2016 година ЈП Градски паркинзи инкасирало над 473 илјади евра само од наплатени билети, а од јануари до октомври 2017 година, околу 378 илјади евра. Ова значи дека во случај секое возило да се задржало по еден час на Клиниката, кој чини 25 денари, дневно таму се паркираат над 3 илјади возила. Во таков сообраќаен хаос, здравствените работници понекогаш со часови бараат паркинг место за да стигнат до работното место.

Сообраќајниот неред на Клиничкиот центар е само една од рак-раните на државното здравство. Секојдневни, редици од возила ја блокираат и улицата „Водњанска“ кои чекаат ред за влез, а најдебелиот крај го влечат докторите и пациентите кои носат итен случај до одредена клиника. Министерот за здравство Венко Филипче во неколку наврати изјави дека на Клиничкиот центар нема да се прават поголеми инвестиции бидејќи ќе се чека на изградбата на новиот Клинички, за кој се уште се бира локација.

В понеделник, на седница на Советот на Град Скопје освен за оваа предлог-одлука, ќе се гласа и за предлогот двојно да се зголеми цената на паркингот на сите јавни паркиралишта во деновите кога загаденоста на воздухот два дена по ред е над дозволените граници.

Мери Јордановска

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Падна потпорниот ѕид кај Детската клиника – никој не го санирал две години

Анита Петровска Рајковиќ

Реконструирани паркинзите во Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“

Ана Ололовска

Клиничкиот кампус со комплетно нов лик, нема повеќе сообраќаен хаос

Ана Ололовска

ВИДЕО: Државата ќе се задолжи со половина милијарда евра за изградба на новиот клинички во Ѓорче Петров

Габриела Димковиќ-Мишевска

Изградбата на новиот Клинички центар треба да почне во текот на зимата

Ана Ололовска

Откажани прегледите на Клинички поради посетата на папата