Волерс: Меѓународната заедница загрижена поради инцидентите во Скопје

Од:

Амбасадата на САД и другите од меѓународната заедница во Скопје се загрижени поради насилните настани што се случија изминатиот викенд, истакна денеска американскиот амбасадор Пол Волерс.

– Овие настани укажуваат дека постои итна потреба токму од иницијативи, како што е оваа, која промовира меѓуетничка хармонија во Македонија, посочи Волерс по потпишувањето Меморандум за соработка меѓу Институтот за национална историја и Институтот за духовно и културно наследство на Албанците-Скопје.

Оваа нова иницијатива за промоција на поголема соработка и разбирање меѓу историчарите – Македонци и Албанци од Македонија, укажа американскиот амбасадор, секако дека е корисен и конструктивен чекор.

– Ова е извонредна можност за промоција на хармонија, почит и толеранција меѓу сите граѓани на Македонија. Додека секој меѓуетнички инцидент или обид да се поттикне нетолеранција е лесна можност ситуацијата да се искористи за политички цели, тоа исто така е и можност да се отвори дијалог и да се зајакнат врските меѓу различните заедници. Ова е можност за промоција на една горда Македонија која, гледајќи кон иднината, целосно ги почитува сите аспекти на богата разновидност на своето минато, додаде амбасадорот Волерс.

Директорот на Институтот за национална историја, Драги Ѓоргиев рече дека потпишувањето на Меморандумот е со цел двете институции колку што е можно повеќе да влијаат на креирањето на вредносните ставови за минатото на Македонија и на сите заедници кои живеат во неа.

– Меѓусебната соработка ќе донесе еден поширок меѓусебен дијалог меѓу двете заедници, дијалог кој може и мора да влијае врз градењето на иднината на оваа држава. На тој начин ќе покажеме дека ова општество е способно и има капацитет да изгради еден коректен морален однос кон своето минато, додаде Ѓоргиев.

Директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Шефќет Зеколи истакна историјата на албанскиот и на македонскиот народ не учат дека за да се постигне независноста, да се зачува државниот и националниот индентитет, нашите народи соработувале и дејствувале години наназад.

– За жал сега во време на новите процеси не само општествени, туку и политички и во време на создавање на нови реалности на Балканот, некои историчари со дебели џебови и со моќни политички позиции се обидуваат без да почитуваат научни и морални критериуми, да ја ставаат историјата пред телевизиските камери и во печатот во функција на политиката наместо да се случува обратното, посочи Зеколи.

Според него, улогата и активностите на научните институции треба да биде посилна додека гласот на вистинските научници да се слуша со почит. Тие, рече Зеколи, не треба да дозволат за еден грст пари и за разни државни функции да станат плен на разни манипулации со историските податоци и факти како што често пати се случува.

Германската амбасадорка Гудрун Штајнакер рече дека е уверена оти соработката меѓу Институтот за национална историја и Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, ќе придонесе за разбирање и помирување.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Нови снимки од студентите во Охрид: Ги симнуваат лустерите и пијат од нив, фрлаат прозорци од апартманот

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Студенти од Загреб и Србија демолираа хотел во Охрид

Горан Наумовски

Се зголемува бројот на злосторства од омраза во САД

Скопјанка истепала две жени во Ѓорче Петров

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Полицаец осуден на една година затвор, поради претепувањето на битолчанецот додека го апсеше

Кристијан Ландов

ВИДЕО: Тепачка во „КАМ“ маркет, вработен бил нападнат од купувач

Кристијан Ландов