Шарената револуција, за утре во 18 часот најавува нов масовен протест.
-Ве повикуваме да се собереме на масовен протест во петок, 10 јуни во 18:00 часот пред нашата тврдина – Специјалното јавно обвинителство, да им кажеме на властите дека одбројуваме и дека нашите барања се бескомпромисни.
Поминаа три дена откако Иванов целосно ја повлече аболицијата и откако прецизно ги испорачавме нашите црвени линии и рокови. Власта молчи, Уставниот суд молчи, институциите на прогонот молчат.
Време е за нов крик, време е да ги потсетиме дека до 18 јуни Уставниот суд мора да се произнесе за уставноста на СЈО за да сме сигурни дека правдата ќе биде заштитена.
Повторно ќе бидеме на улица, повторно ќе протестираме! Да им кажеме дека одбројуваме до 18 јуни. Да им кажеме дека мора да бидат ослободени сите приведени демонстранти и да бидат повлечени сите пријави од МВР кон нашите соброки и соборци.
Покрај двете барања за кои испорачавме рок до 18 јуни и за кои одбројуваме, ги нагласуваме и останатите наши барања:
• Оставка од актуелната влада на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ и формирање на преодна влада која докрај ќе ги спроведе итните реформски приоритети од извештајот на Прибе и ќе создаде услови за фер избори;
• Формирање на специјално одделение во кривичниот суд, надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО;
• Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата;
• Процесот на решавање на кризата да се одвива на територија на Република Македонија;
• Оставка на Ѓорѓе Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија, пишува во повикот од Шарената револуција.