Повторно топлотен бран од жолта алертна фаза ја зафаќа нашата земја. Дневните температури ќе се движат од 28 до 35 Целзиусови степени.
Синоптичарите од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека овие температури се на граница на метео алармот.
Во петок температурата ќе се искачи до 36-от степен.
Поради високите температури и можноста за зголемена активност на комарци, Министерството препорача да се почитуваат препораките за заштита од топлотен бран и за заштита од комарци.
„Да се користат мрежи против комарци, кои ќе се третираат со инсектициди. Во доцните вечерни часови, по заоѓање на сонцето и во раните утрински часови, пред изгревање на сонцето, кога се активни комарците, се препорачува употреба на ленти против комарци”, велат од Министерството за здравство.
Намалување на температурите и нестабилно време со поројни дождови и грмежи се очекуваат од понеделник.