Во Македонија регистрирани 201 Украинец, азил побарала само мајка со три малолетни деца, но се премислила

Од:

По истекот на законски дозволениот рок од 90 дена во кој гости од други земји е дозволено да престојуваат кај нас, група Украинци кои се тука од почетокот на војната во февруари се загрижени за регулирање на престојот. Од Министерството за внатрешни работи за „А1он“ објаснуваат дека оние на кои им истекле дозволените 90 дена, можат да побараат престој кај нас од хуманитарни причини, ако досега не биле така заведени.

„Граѓаните од Украина и Северна Македонија според договорот можат да патуваат без визи и да престојуваат до 90 дена, а украинските граѓани кои се затекнале во Република Северна Македонија пред почетокот на војната и не можат да се вратат во нивната земја, на нивно барање, од страна на подрачните служби за странци и реадмисија им се одобрува привремен престој по хуманитарни основи, согласно Законот за странци. За целите на оваа постапка, од државјаните на Украина се бара основна документација неопходна за регулирање на овој вид престој: пасош или друг документ со кој ќе може да се докаже државјанство/потекло од Украина и адресата на која ќе престојуваат. Истото се поткрепува со изјава заверена на нотар од сопственикот на станот дека се согласува странецот да престојува во неговиот стан во периодот за кој ќе му биде одобрен привремениот престој или со договор за хотелско сместување“, објаснуваат од МВР.

Членот 71 од Законот за странци дозволува одобрување привремен престој на странец заради работа, школување, учество во програми за меѓународна размена на ученици или студенти, специјализација, волонтирање, научно-истражувачка дејност, лекување, сместување или згрижување во установи за стари лица, семејно обединување или заради хуманитарни причини.

Во периодот од 24.02.2022 до денеска на вкупно 201 лице им е доделен привремен престој во Македонија поради хуманитарни причини.

Украинците кај нас имаат можност да побараат и азил за да им биде признаен статус на бегалци, но такви случаи нема.

„Согласно Законот за меѓународна и привремена заштита, едно лице може да поднесе барање за азил, а органот одлучува дали лицето исполнува услови за статус на бегалец или статус на супсидијарна заштита. Oд 24.02.2022 година до денеска поднесено е само едно барање на четири лица за признавање право на азил, и тоа на мајка со три малолетни деца, но набрзо од нивна страна барањето е повлечено, со што се откажаа од постапката за признавање право на азил. Или, тоа значи дека во Северна Македонија досега нема случај на признавање на право на азил на лице од Украина, а со самото тоа ни лице со статус на бегалец од граѓаните на Украина кои оствариле влез во земјава“, велат од МВР.

Државата подготви посебна програма за прифаќање на можни беглаци од Украина со подготовка на сместувачки капацитети за кои досега не се покажа потреба.

Украинските медиуми пренесоа дека до средината на мај повеќе од 6 милиони луѓе ја напуштиле Украина поради руската инвазија, а уште 8 милиони се внатрешно раселени, согласно податоците на Меѓународната организација за миграција.

Би можело да ве интересира

Русија: Евакуиравме над 30.000 луѓе од пограничните области со Украина

Полска привремено ќе го суспендира правото на азил

A1on

Месечната социјална помош на едно сириско семејство од 6.000 евра предизвикаа големи полемики во Австрија

Предраг Петровиќ

УНХЦР: 186.000 мигранти и бегалци пристигнаа во земјите од јужна Европа

ЕУ постигна договор за промена на системот за азил

Ердоган и Киличдароглу не сакаат Турција да е „магацин“ за сириските бегалци

Горан Наумовски