Власта се уште нема 80 пратеници: Дискусија, па гласање кога ќе се создадат услови

Од:

Власта побара поддршка од опозициските пратеници за отворање на Уставот, но досега ниту еднаш не ја потврди бројката на пратеници од парламентарното мнозинство кои ќе гласаат за процесот на внесување на Бугарите иако се шпекулира со 72 гласа.

Претходно „А1он“ пишуваше дека двајца пратеници на СДСМ нема да кренат рака за отворање на Уставот, а не се знае ниту конечниот став на „огнената“ група во ДУИ.

Сегашното мнозинство теоретски има 64 гласа, но планира уште осум пратеници од албанските опозициски партии. За уставните измени ќе бидат потребни уште 8 пратеници од опозицијата која два дена пред оваа седница го потврди својот став: ќе учествува на седницата, но нема да гласа за отворање на Уставот и ќе бара распуштање на Собранието и распишување на предвремени парламентарни избори.

Пленарната седница на која ќе се дебатира за потребата од отворање на Уставот почнува денеска, а дебата ќе трае максимални десет дена.
Собранискиот спикер Талат Џафери може да ја отвори дискусијата, но гласањето да го одложи „кога ќе се создадат услови“, што е се поизвесно, велат извори на „А1он“.

Според член 196 став 1 од Деловникот, предлогот за пристапување кон измена на Уставот ќе се разгледува на седницата на Собранието во целина, која не може да трае подолго од десет работни дена.

Одлуката за пристапување кон измена на Уставот ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, односно со 80 гласа. Доколку не е присутно потребното мнозинство, постапката не може да продолжи.

Постапката за Уставот е веќе започната откако Комисијата за уставни прашања на 25 јули гласаше за потребата од уставни измени и заклучоците ги проследи до Собранието.

Измените во Уставот се однесуваат на додавање на делови од народот во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, кога се набројуваат делови од народот во државата.

Во текстот: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и други“, е ставена запирка по бошњачки народ и се додава: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ и египетски народ.

Уставните измени со вметнување на Бугарите во Преамбулата се услов да ја почнеме втората фаза од преговорите со Европската унија, а произлегоа од францускиот предлог за кревање на бугарското вето во кој билатерниот протокол со Бугарија беше вметнат во преговарачката рамка.

Би можело да ве интересира

Собранието ќе избира заменици министри

Марина Димовска избрана за нова генерална секретарка на Собранието

Предлог законот за дополнување на Законот за енергетика, по скратена постапка, проследен на натамошна постапка во Собранието

Верификувани мандататите на новите пратеници

Собранието ќе ги пополни местата на пратениците кои станаа министри

Критики за програмата и кадровските решенија од опозицијата, прва половина од собраниската седница за избор на новата влада