Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на Основен буџет на Република Северна Македонија за 2022 година кој изнесуваше речиси 182 милијарди денари и во однос на 2021 година е помал за 7%.
Ревизорите укажуваат дека имајќи го предвид обемот на надлежностите, големината на буџетот, организациона структура, кадровската екипираност на Владата, поставеноста на внатрешните контроли, како и обврската за континуиран мониторинг и контрола над законското користење на доделените средства по основ на Владини програми, потребно е да се преиспита ваквиот начин на „буџетирање“ каде со планирањето во најголем дел реализацијата на овие средства се врши преку разделот на Влада и да се алоцираат средствата во буџетите на одделните институции согласно законските надлежности кои ги врши секоја одделно.
Исто така констатирано е дека средствата кои се издвојуваат за финансирање на Судската власт во износ од околу 2,3 милијарди денари претставуваат 0,3% од БДП и истите се за 63% помали од законски утврдениот лимит, додека за Јавното обвинителство одобрените средства во износ од околу 643 милиони денари претставуваат 0,21% од средствата на Буџетот на РСМ за 2022 година, иако согласно Законот за јавното обвинителство висината на средствата за работа треба да изнесуваат најмалку 0,4% од буџетот на државата, доколку со тоа не се нарушува праведната распределба на буџетските средства.
Буџетскиот дефицит на ниво на Централен Буџет изнесува 5,1% од БДП и истиот е 0,8% над проектираниот процент од 4,3%, предвиден во Фискалната стратегија за 2022-2024 (со изгледи до 2026 година).
Во однос на 2021 година учеството на буџетскиот дефицит во БДП е намален за 0,3%, што укажува на стабилизација и намалување, но сепак неговото учество во БДП за 2022 година е на повисоко ниво во однос на годините пред здравствено- економската криза и според предвидувањата во фискалната стратегија се очекува истиот преку континуирано намалување во наредните години, во 2026 година да изнесува 2,2% од БДП.
Јавниот долг на 31.12.2022 година изнесува 7.702,9 милиони евра додека на 31.12.2021 година е во износ од 7.135,3 милиони евра, што укажува на зголемување во апсолутен износ од 567,6 милиони евра односно од 8%. И покрај зголемувањето на јавниот долг како апсолутен износ, состојбата на јавниот долг во однос на БДП на 31.12.2022 година изнесува 57,1% и е за 3,9% помал во однос на 2021 година, во услови кога БДП во 2022 година е за 10% поголем во однос на претходната година.
Состојбата на државниот долг на 31.12.2022 година изнесува 6.581 милиони евра и наспроти состојбата на државниот долг минатата година која беше во износ од 6.080 милиони евра зголемена е во износ од 501 милиони евра. Констатирано е дека состојбата на државниот долг на 31.12.2022 година изнесува 48,7% од БДП, додека во 2021 година кога изнесуваше 52% од БДП.
Во однос на финансиската нестабилност на ЕЛС, со ревизијата се утврди дека во декември 2022 година, од вкупно 81 општина, 14 општините се со блокирана сметка. Вкупниот износ на доставени налози за извршување во Министерство за финансии изнесува 1,5 милијарди денари што претставува 37% од вкупно пријавените обврски на општините, од кој во 2022 година платени се само средства во износ од околу 186 милиони денари.
Од преостанатиот износ за извршување 1,3 милијарди денари, 77% се по основ на главнина, 18% се по основ на камата и 5% се за останати трошоци, што укажува на висок процент на задолженост на општините во услови кога реализацијата на приходите бележи тренд на намалување.
До периодот на ревизијата не е прогласена финансиска нестабилност на ниту една општина, поради што општините можат да генерираат нови обврски по разни основи и да започнуваат нови капитални проекти, што пак би влијаело на влошување на нивната ликвидност и на целокупната финансиска состојба во иднина, а со тоа и можност за дополнителна потреба од издвојување на средства од Буџетот како финансиска поддршка на истите и одлив на буџетски средства.