Патувањето на министерот за правда, Никола Тупанчески во Палермо, Италија, го следи и Владата. Оттаму за „А1он“ најавуваат дека ќе постапат во согласност со Кодексот за етичко однесување, откако ќе бидат разгледани сите информации. Ова доаѓа откако Тупанчески најпрво тврдеше дека ги подмирил сите трошоци за во живо да го гледа фудбалскиот меч помеѓу Македонија и Италија, а потоа, се појавија информации дека летот го плаќа ФФМ, а не, министерот.
„Сите министри, замениците на министрите и другите носители на извршни функции именувани од Владата на Република Северна Македонија се должни да го почитуваат Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, чија цел е јакнење на интегритетот на Владата и јакнење на довербата на граѓаните во институциите. Владата го следи случајот со министерот за правда Никола Тупанчевски и неговото присуство на фудбалскиот натпревар во Италија и откако ќе бидат разгледани сите информации и факти, ќе биде постапено во согласност со Кодексот за етичко однесување“, велат од Влада за „А1он“.
Министерот Тупанчески тврдењата дека сам платил за да оди за Палермо, не ги потврди со никаков документ. „А1он“ побара доказ дека направил трансакција од негова лична сметка со која го платил патувањето, но тој не достави. До Министерството за правда е испратено и барање за информации од јавен карактер со кое се бараат изводите од службената картичка на министерот. Од нив може да се утврди дали тој, меѓу другото, плаќал и со државни средства при патувањето во Палермо. Согласно законот, тој тоа не би смеел да го прави, бидејќи патувал приватно. Засега, познато е само дека Тупанчески навиваше од трибините во Палермо, а сместен во ВИП-ложата. Нејасно е по кој критериум е избран да биде таму заедно со обвинителката и судскиот претседател Лазар Нанев.
И Антикорупциската комисија ја повика Владата да провери дали Тупанчески го прекршил Етичкиот кодекс за функционери. Претседателката Билјана Ивановска за „А1он“ рече дека не знае зошто Тупанчески е шокиран од нивната реакција. Во Кодексот, меѓудругото има ограничување во однос на примањето подароци и услуги.
„Носителите на извршните функции при вршењето функции и должности не можат да примаат подароци, освен во случаите во износ и на начин утврдени со Закон за користење и располагање со стварите во државна сопственост…. Носителите на извршни функции не смеат да бараат, примаат односно да дозволат друго лице во нивно име и за нивна корист да дава или прима подарок, услуга или каква било друга вредност, помош или друга корист во врска со вршењето на функцијата, односно должноста, а која би можела да има влијание или на кој било начин да ги стави во несоодветна подреденост или обврска“, стои меѓу другото во членот 17 од Етичкиот кодекс на Владата.