Грчкиот весник „То Вима“ го објави планот на медијаторот Метју Нимиц, како и сет идеи за решавање на спорот за името. Весникот посочува дека во документот до кој тие успеале да дојдат Нимиц предлага името да биде во целосна употреба – домашна и меѓународна, но кога земјата ќе стане членка на Европската Унија, а истовремено нагласува дека не постои задолжителен услов за промена на Уставот.
Весникот пишува дека во согласност со предложеното, секоја земја во светот ќе има право самата да одлучи како да го напише името, односно дали тоа ќе биде на кирилица или на латиница. Предлозите на Нимиц беа поднесени до преговарачките тимови на двете земји на 17 јануари, а медијаторот ги повикува страните експлицитно да потврдат дека немаат територијални претензии една кон друга и го почитуваат културното наследство. Весникот потенцира дека новото име е директно поврзано со конечното пристапување на земјата во ЕУ, што значи дека сегашното уставно име ќе се употребува дотогаш.
„Во однос на поканата на Македонија за членство во НАТО и до нејзиното пристапување, треба да бидат преземени сите неопходни мерки за решавање на билатералните односи со другите земји членки врз основа на новото официјално име што ќе биде заведено по азбучен ред на буквата М“, пишува „То Вима“.
Според нивните извори, Нимиц нуди пет имиња: Република Горна Македонија, Република Северна Македонија, Република Вардарска Македонија, Република Нова Македонија и Република Македонија (Скопје). Во исто време меѓународниот посредник останува отворен и за други предлози за решавање на спорот. Што се однесува до јазикот на Република Македонија, Нимиц ја нуди словенската верзија на македонски, а во однос на националноста – граѓани, на пример, на Горна Република Македонија.
Сепак, во однос на примената на одлуката и опсегот на употреба, според „То Вима“, треба да се разгледаат неколку комбинации. Во однос на опсегот на употреба Метју Нимиц нуди процес во неколку делови. Прво, усвојувањето на соодветната резолуција за новото официјално име од страна на Советот за безбедност на ОН дека тоа ќе се користи во сите официјални мултилатерални меѓународни рамки, вклучувајќи состаноци, конвенции, договори и официјални документи. Потоа, Македонија ќе треба да направи сè што зависи од неа за да може името да се користи во официјалниот систем на ОН и од другите меѓународни организации. Во овој контекст посредникот во преговорите прави три забелешки: „Прво, терминот Македонија во непроменета или преведена форма нема да го користи Скопје како официјално име на државата во која било рамка. Второ, термините поранешна југословенска република Македонија и ПЈРМ ќе престанат да се користат во контекст на Скопје. Трето, и што е најважно, терминот Република Македонија ќе продолжи да се користи за внатрешна употреба до датумот на членство во ЕУ“, пишува весникот.