Снег на повисоките места во западните и северните делови од Македонија се очекува за време на викендот, велат метеоролозите.
Од УХМР информираат дека до петок времето ќе биде стабилно, како и досега, а од попладнето до недела ќе имаме облачно време со врнежи од дожд, а на планините со снег. Поради продор на студена воздушна маса од север, во сабота кон крајот на денот висинската граница на снежните врнежи ќе се спушти и под 1000 метри, па особено во западните и северните делови од земјата ќе има снег во повисоките населени места и понекаде ќе провејува и на пониските места.
Утринските од петок до недела ќе се движат од минус еден до пет степени, а дневните ќе бидат во опаѓање и во петок ќе се движат од 9 до 14, во сабота од 6 до 13 и во недела од три до 10 степени. Следната недела ќе почне со пониски утрински температури, кои на одделни места ќе се спуштат до минус пет степени, а дневните ќе се движат од четири до 13 степени.