(Видеоинтервју) Нано Ружин: Спорот за името ќе биде решен, но голем проблем е промената на Уставот

Од:

Универзитетскиот професор и експерт по внатрешна и надворешна политика, Нано Ружин, во интервју за „А1он“ и „Макфакс“ вели дека доколку дојде до евентуален договор за името помеѓу Скопје и Атина, Русија нема да стави вето на него, односно нема да го попречи патот на Македонија кон ЕУ и НАТО.

– Русија не би се впуштила во таква игра бидејќи договорот е мошне важен за целиот Балкан и за двете држави и би било навистина голем скандал кога во рамките на Советот за безбедност би се случило такво нешто – вели Ружин.

Одлуката на Грција да не протера руски дипломат од својата држава Ружин ја толкува како обид на јужниот сосед да се наметне како независна сила и како држава што води сопствена политика. Но, според него, во одлучувањето големо влијание имале и традиционалните и економските односи што ги имаат двете земји. Но, и покрај добриот однос што го имаат Грција и Русија, Ружин смета дека Русија нема да се обиде преку нашиот сосед да ѝ го попречи патот на Македонија кон ЕУ и НАТО.

– Големите сили секогаш имаат одреден маневарски простор да влијаат врз помалите држави, особено ако се работи за држави што се стратешки многу важни, но Грција има друг проблем, а тоа е Турција. Она што најмногу ги плаши Грците е пријателството помеѓу Русија и Турција – вели Ружин.

Според универзитетскиот професор, протерувањето на руски дипломат од Македонија ќе има позитивно влијание кај Европската Унија и НАТО во спорот за името.

– Македонија ја проследи политиката што доаѓа од Брисел и Вашингтон и тоа е одлука што го подели јавното мислење во државата. Секако дека во тој контекст, во целата неповолна ситуација, има една поволна, а тоа е Македонија која не е осамена во тоа протерување. Сите држави протераа по еден или повеќе руски дипломати. Јас, искрено, сум против таа политика на протерување како принцип во меѓународните односи бидејќи веднаш асоцира на студената војна – рече Ружин.

Во поглед на протерувањето на рускиот дипломат од Македонија, Нано Ружин не очекува радикални санкции од страна на Русија и смета дека изјавата на рускиот амбасадор, Олег Шчербак, кој рече дека по оваа одлука, Македонија ќе биде цел на Русија, е претерана.

– Очекувам дека Русија нема да возврати со манифестирање сила против една мала држава како што е Македонија. Изјавата на рускиот амбасадор во која кажа дека Македонија ќе биде цел доколку дојде до конфликт помеѓу НАТО и Русија е малку претерана. Таков напад теориски не е можно да се случи бидејќи тоа би било крај на нашата планета. Доколку би се војувало и со класични оружја, Македонија е заштитена затоа што имаме партнерство со САД, а исто така и поради тоа што Македонија е значајна во целото тоа евро-атлантско партнерство – истакна Ружин по што додаде дека можно е да има некоја економска казна, но и во тоа се сомнева бидејќи увозот на Македонија од Русија е финансиски многу поголем отколку извозот на Македонија кон Русија.

Спорот за името се актуализира во последните неколку месеци по зачестените средби на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција. Ружин смета дека решение за спорот за името ќе се најде, но голем проблем прави грчкото барање за промена на Уставот на РМ.

– Денеска, првпат од историјата на појавата на овој проблем имаме двајца лидери кои имаат желба да го решат спорот, дури и по цена да загубат од својата политичка популарност меѓу гласачите. Грците при промена на името на Република Македонија инститираат на промена на Уставот. За тоа е потребно двотретинско мнозинство, што ВМРО-ДПМНЕ нема да го прифати. Ќе рече дека е од патриотски причини, но сепак се работи за интерес – вели Ружин.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Дендиас за меморандумите со С. Македонија: Секоја грчка Влада оценува што е во нејзин интерес

Ана Ололовска

Професор Емеритус Нано Ружин добитник на наградата Гоце Делчев за 2023 година

Катерина Ѓуровски

Нано Ружин од ЛДП и Темелко Ристески од Партијата на пензионери меѓу експертите за уставни измени

Орце Костов

Варвициотис: Ако се врати националистичката реторика кај соседите, ќе ја редефинираме позицијата за евроинтеграцијата

Ана Ололовска

„Жито Лукс“ се правда: Зборот Македонија е избришан поради унифицирање на името на фирмата дома и во странство

Маја Илиевска-Пачемска

„Жито Лукс“ ја избриша Македонија од Статутот, купувачите најавија бојкот на производите до банкрот на компанијата

Маја Илиевска-Пачемска