Варвициотис: Ако се врати националистичката реторика кај соседите, ќе ја редефинираме позицијата за евроинтеграцијата

Од:

Враќањето на една националистичка реторика од нашите соседи, во суштина ќе нѐ одведе до редефинирање на нашата национална позиција за поддршка на процесот на проширување на ЕУ, рече алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитиадис Варвициотис , јави дописничката на МИА од Атина.

За време на заедничката седница на комисиите за европски и надворешни прашања во грчкиот Парламент, на која министерот за надворешни работи на Словенија Анже Логар говореше за приоритетите на словенечкото претседателство со ЕУ, Варвициотис, во неговото обраќање, изрази загриженост за случувањата кај нас и истакна дека правилното спроведување на Договорот од Преспа е еден од предусловите во преговарачката рамка.

-Морам да го признам следното: многу нѐ загрижуваат случувањата во Северна Македонија. Враќањето на една националистичка реторика од нашите соседи, во суштина ќе нѐ одведе до редефинирање на нашата национална позиција за поддршка на процесот на проширување. Бидејќи еден од цврстите предуслови што се поставени во преговарачката рамка е доследно и правилно спроведување на сите одредби од Договорот од Преспа. И неопходно е, оваа порака, денеска, од сите нас да биде испратена до нашите соседи кои се наоѓаат во политичка бура, рече Варвициотис .

Паралелно, уште еднаш ја повтори грчката поддршка за напорите на словенечкото претседателство за проширувањето на Унијата со Западен Балкан.

Шефот на словенечката дипломатија, Анже Логар во однос на првата меѓувладина седница на ЕУ со Северна Македонија и Албанија рече дека „ситуацијата е тешка“, објаснувајќи дека 27 земји се согласија, а една земја членка која има одредени резерви нема функционална Влада, поради владината криза, „па така, Претседателството нема соговорник од таа страна за да преговара за прашањето“.

-Ако не можеш да разговараш, не можеш да најдеш решение. Имаме некои позитивни знаци од Бугарија за во следните месеци. Но, претпоставувам дека ќе биде невозможно за време на словенечкото претседателство да има напредок во прашањето, а тоа не е поради недостиг на наши иницијативи или недостиг на наши амбиции, туку поради ceteris paribus, рече Логар.

На денешната седница, партиските ставови ги претставија известувачите од шесте партии што се дел од Парламентот, а известувачот од СИРИЗА, пратеникот Јанис Бурнус рече дека словенечкото претседателство правилно бараше временско обврзување за интеграција на регионот во ЕУ, истакна дека „оставката на Заев е резултат на поткопувањето на европската перспектива на Западен Балкан од одредени земји членки“ и побара што е можно поскоро да се одржи првата меѓувладина седница на ЕУ со Албанија и Северна Македонија.

Би можело да ве интересира

Украина и Молдавија ќе почнат преговори пред Македонија: „Проширувањето на ЕУ е секогаш политичка одлука“

Орце Костов

(ВИДЕО) Денков: Бугарија нема да го смени ставот кон Македонија, сега преговорите се помеѓу ЕУ и Скопје

Орце Костов

Хакер: Влезот на Северна Македонија во ЕУ е во интерес на Германија и на Унијата

Ана Ололовска

Сослушување во американскиот Сенат за влезот на С. Македонија во ЕУ, и за Западен Балкан

Ана Ололовска

Дендиас за меморандумите со С. Македонија: Секоја грчка Влада оценува што е во нејзин интерес

Ана Ололовска

Вархеји оптимист во однос на можноста за членство во ЕУ до 2030

Ана Ололовска