Постоечкиот закон против дискриминација треба да се промени заради очигледното зголемување на говорот на омраза и високиот степен на насилство, врз луѓето кои се припадници на ЛБГТИ заедницата, беше речено на денешната дебата на Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници.
Дебата се одржа по повод предлог промените во Законот за спречување и заштита од дискриминација и внесување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.
Професорката Мирјана Најчевска новосоздадените Семејни студии на УКИМ ги посочи како последен пример на дискриминаторски однос, особено кон ЛГБТИ заедницата. Таа се заложи за едукација.
-Нашиот закон, е насочен кон она што се вика казнена политика, односно, реактивно делување. Тоа значи дека имаме индивидуални повреди, луѓето треба да поведат некаква процедура, да ја изведат до крај таа процедура и на крај врз основа на тоа да биде донесена одредена одлука. Меѓутоа, ваквиот начин на постапувањ, дефинитивно веќе во голема мера е надминат затоа што не ги дава саканите резултати, посебно пак кога станува збор за вакви групи како што е ЛГБТИ популацијата и слично. Индивидуалната жалба значи само еден случај, а решението на тој случај воопшто не значи дека ќе се примени на други случаи. Во нашето општество не се разбира што е тоа дискриминација. Потребна е едукација преку медијација, рече Најчевска.
Според Жарко Трајановски, експерт за човекови права и активист, постоечкиот Закон за заштита од дискриминација прави повеќе штета отколку корист и птребно е да се донесе нов.
-Кога се носеше овој закон, ситуацијата беше таква што практично имавме случај на непризнавање на сексуалната ориентација. Непризнавање – преку нејзино бришење, бидејќи таа беше вметната во законот и тоа беше еден чин на измама, бидејќи владата, надвор го претставуваше законот со сексуална ориентација, а потоа го избриша. И наспроти сите очекувања, владата водеше хомофобична кампања, а провладините медиуми го претставуваа законот како закон за заштита на хомосексуалците. Комисијата е смешка. Се’ додека не отидеме на суд и добиеме случај дека дискриминацијата е казнива и луѓето не треба повеќе тоа да го прават – ништо не сме направиле. Треба да одиме со комплетно ново решение, да го заборавиме овој закон како никогаш да не постоел, затоа што самото постоење на овој закон ваков каков што е, со ваква комисија, прави поголема штета, отколку корист, односно создава илузија дека ние имаме некаков закон и тело за борба против дискриминацијата, а всушност немаме ништо, рече Трајановски.
Наташа Бошкова од Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници рече дека Македонија има обврска да го промени членот 3 од Законот за заштита од дискриминацја.
-И по 4 години од донесувањето на Законот ние се уште се соочуваме со ситуација дека таму ги нема сексуалната ориентација и родовиот идентите како основа за дискриминација и покрај меѓународните обврски кои постојат на страна на државата, рече Бошкова.
Билјана Котевска, авторката на публикацијата „Водич за основи за дискриминација“ рече дека не постои ниту една земја во Европа која ја штити ЛБГТИ заедницата од дискриминација. Таа спореди различни случа кај нас каде одлуките на Комисијата се неконзистентни.
А.Б.