ВИДЕО: За гласање не постоиме, за сметки нè наоѓаат, четворица жители на Трубарево не можеа да гласаат

Од:

На четворица гласачи од избирачкото место 2532 во ООУ „Крум Тошев“ во Трубарево не им било дозволено да гласаат оти ги нема во Избирачкиот список. Сите четворица ги менувале личните карти оти им биле истечени. Брачниот пар Верица и Зоран Бошковски, двајца од гласачите кои не можеле да го остварат гласачкото право, велат дека 40 години гласаат во истото избирачко место, многу пати ги менувале личните карти, но никогаш досега не им се случило да ги нема на списокот.

„Не ни беше дозволено да гласаме затоа што имаме нови лични карти, не сме влезени во списокот. Во списокот не нема ниту со старите лични карти ниту со новите. Со старите лични карти не избришале, а со новите не нè додале. Во случајов ние не сме државјани на Република Македонија. Кога видов дека ме нема во избирачкиот список бев многу иритирана затоа што ме избришале како граѓанин на ова држава. Најтешко ми беше тоа што 40 години гласам овде и на крај да ме нема. Тоа не е моја обврска да пријавам нови документи, како што ме избришале со старата требало да ме запишат со новата лична карта. Сметките и се друго стигнуваат на време и ќе конфискуваат ако не платиме, а за гласање нè нема“, изјави Верица Бошковска за „А1он“.

Личните карти ги извадиле на 11.02.2019 година, но не провериле дали ги има во Избирачкиот список, ниту пак поднеле приговор за неоствареното гласачко право.

„Не ни предложија такво нешто. Ни рекоа јавете се во општинска комисија. 40 години, од 1975 година навака гласаме тука, сме менувале и друг пат лични карти, никогаш немало проблем. Затоа не проверивме, знаеме дека од ’75 тука гласаме“, рече Зоран Бошковски.

Заменик претседателот на изборната комисија од гласачкото место 2532 во Трубарево потврди дека Бошковски ги немало на Избирачкиот список и поради тоа не можеле да им дозволат да гласаат.

„Двапати проверувавме во Избирачкиот список, но не ги најдовме. Имаме и дополнителен список и на него ги немаше, а член на изборната комисија провери и на дигиталниот список. И таму не ги најдовме. Им укажавме дека имаат право да се пожалат, но тоа нема битно да измени нешто оти Избирачкиот список е затворен. Освен нив, имавме уште двајца гласачи кои исто така ги смениле личните карти и ги немаше во списокот“, рече Сашо Арсовски, заменик – претседател на изборната комисија на гласачкото место 2532 во Трубарево.

Од Државната изборна комисија (ДИК) денес изјавија дека истиот Избирачки список ќе важи за вториот круг.

„На 24 март 2019 година Избирачкиот список беше заокружен и тој останува и во вториот круг на гласање“, рече портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.

ДИК денес одби вкупно 10 приговори за неостварено лично гласачко право.

Маја Илиевска-Пачемска

 

Би можело да ве интересира

ДИК: Од преброени 89,98 отсто од избирачките места, Силјановска Давкова има 324. 177 гласа, Пендаровски 161. 393

Пендаровски: Резултатите не се како што очекувавме, веројатно разликата ќе биде околу 130 илјади гласови

Александар Тодески

Касами: ДУИ има купено гласови, Влен ги доби гласовите на Албанците

Александар Тодески

Сиљановска-Давкова: Жените беа мојата инспирација, нема да се однесуваме ние како мажите низ историјата

Орце Костов

Османи: Европскиот фронт ја победи коалицијата Вреди со над 40.000 гласа, волјата на граѓаните е јасна и треба да се почитува

Сиљановска води со над 100.000 гласови пред Пендаровски во обработени 2.575 избирачки места