(ВИДЕО) Во 21 век жителите на Кучково без вода: „Јас носам вода од селската чешма, а жена ми пере со скршена рака“

Од:

Со шишиња, кофи, и сè што ќе им се најде при рака, десетици жители од селото Кучково во Општина Ѓорче Петров чекаат ред пред селската чешма за да наполнат вода. Во селото е тивко, а гужвата е на клупите пред чешмата, бидејќи таму тие се зближени од истата мака – немаат вода ниту за да се измијат, ниту за да се напијат, повеќе од една година, во текот на целата корона криза.

„Тука переме, тука се миеме, тука правиме сè. Јас имам 77 години, ова е изворска вода, водоводот секна, од тука носам вода, греам дома, а жена ми ќе седне на столче и рачно пере, а има скршена рака“, раскажува чичко Ѓоко, жител на селото Кучково.

Селото има стотина жители, а во текот на летото голем број граѓани доаѓаат во Кучково, во своите викенд-куќи, и тука остануваат цело лето. Во текот на целата пандемија со коронавирусот, овие жители биле без вода. Не можат да се измијат раце, не можат да перат, не можат да се искапат, ниту пак да се напијат вода. Сите тие се постари лица, па тоа го прави потежок целиот процес.

„Ме боли кичмата, не можам да кревам и да носам вода секој ден од изворот, стар сум. Ова да се случува во 21 век, е недозволиво“, сведочи чичко Јован, жител на селото, кое се наоѓа на само петнаесетина километри од центарот на Скопје.

Изворот на сред село сега им е единствен извор на вода, а тоа не било така до пред една година, кога сите имале вода за пиење. Во проблемот тие гледаат и политичка заднина, но најмногу незаинтересираност на институциите да го решат проблемот, особено Општината Ѓорче Петров.

„Утврдивме дека резервоарот е празен, а вентилот расипан и отворен. И како доаѓа вода од пумпите, така истекува. Некои имаат свои бунари и хидрофори, но ја користат и оваа вода. Ги детектиравме проблемите, утврдивме дека една пумпа не работи, дека сите релиња се искинати и дека водата истекува“, раскажува тој.

Тој вели дека жителот на Кучково кој бил задолжен за одржување на пумпите го сменил системот и од електронски, кој автоматски и наизменично ги вклучувал пумпите да работат, поставил мануелен – рачен каде тој ги вклучува и исклучува пумпите со кои се полнат резервоарите со вода кога тој смета дека е неопходно. Вратата била искршена и секој можел да има пристап до пумпите, но и до системот за вода.

„Кој сака може да влезе и да стави отров во водата“, вели Јован.

Мештаниниот е разрешен од обврските и одговорнoстите, но со тоа не се решава проблемот. Инсталацијата останала празна, а во цевките наместо вода останал само бигор кој морал рачно да се чисти.

Од општината Ѓорче Петров назначиле службеничка да се грижи за водоводот во Кучково и проблемот со водоснабдувањето. Таа, како што раскажуваат жителите, ги зела клучевите од објектот каде се пумпите за вода и си заминала.

Тврдејќи дека изворот пресушил, од Општина Ѓорче Петров им најавиле на мештаните дека ќе извршат пробни бушења на две места, во селото и во викенд населбата Чекорица, каде што сателитските снимки покажале дека има вода.

„Се согласивме, иако знаеме дека во постоечкиот извор има вода. Проблемот е во системот кој е запуштен и исклучен, а не во водата. Тој извор има капацитет и резервоарите кои се некаде околу 100 кубици ги полни за едно деноноќие. Не е многу, но доволно е“, објаснува Јован.

Од страна на општината донесени биле машини за бушење, но на 1 септември, по две недели стоење во место, тие си заминале од Кучково и оттогаш жителите чекаат, без тронка надеж.

„Кој ќе го плати тоа што седеа толку време машините тука? Ние група граѓани, минатиот месец отидовме до општината за да разговараме со градоначалникот. Тој не беше тука и нè упатија во Секторот за урбанизам. Нè примија пред врата и секретарот за урбанизам нè извести дека нема вода во бушотините, но имале објавено тендер, на тендерот била избрана фирма, но таа фирма ги имала дадено своите машини во Босна, па треба да почекаме“, сведочи жителка на Кучково.

Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски, вели дека станува збор за долгогодишен проблем и за пресушени бунари, но потенцира дека мора да постои и одговорност од страна на жителите, бидејќи во минатото со водата за пиење се полнеле базени и се ваделе бавчите.

„Годинава испитувавме преку Институтот за земјоделско инжинерство. Направена е студија за местоположба – наоѓалишта на подземни води, преку Институтот, каде што е утврдено можно наоѓалиште на подземна вода на длабочина од 120-150 метри. Со извршено теренско рекогносцирање со стручни лица од областа на геохидрологијата во близината на посоченосто место, утврдено е дека има услови да се направи нов бунар, кои сметаме дека ќе ги исполни основните потреби на селото“, вели Наумоски за „А1он“.

Наумоски: Утврдено е дека има услови да се направи нов бунар, кои сметаме дека ќе ги исполни основните потреби на селото

Тој вели дека долниот дел од селото има вода, но горниот дел нема. Настанатиот проблем, според Наумовски, е повеќегодишен, од аспект дека се јавува постојан сушен период во текот на целата година, но и како битен фактор е карсното подрачје на кое е местоположбата на с. Кучково, така што дождовните води не се задржуваат и продираат во длабочините на земјиштето.

„Требаше да се буши на два метра од една куќа, но газдите не дозволуваа. Затоа и машините си отидоа. И тука настана проблемот. А постојните бунари, кои ги затекнавме, самите жители се обидувале да направат нешто, па со шипки мавале внатре и едната пумпа ја имаа заглавено. Сега планираме да се поместиме едно 20 метри и ќе се започне со бушење, се надевам дека проблемот со тоа ќе се реши“, смета Наумоски.

„Со овој прилог „А1он.мк“ се приклучува кон кампањата ‘Разбистри сè’, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од британската амбасада во Скопје“

Би можело да ве интересира

Важно откритие на научниците: Пронајден доказ за постоење на вода на Марс, сместена длабоко во кората

Повлечена вода од хрватскиот пазар испорачана во соседството

Загубите на вода во државава 62-63 отсто, меѓу највисоките во регионот

Водовод го избриша известувањето дека нема да има вода во Скопје-било лага на неовластени лица

А1он

Подгответе се навреме: Утре речиси цело Скопје без вода или со слаб притисок

А1он

Дел од булевар „АСНОМ“ утре без вода

А1он