Изминатата ноќ била тешка за работните групи кои ги договараат точките за имплементација на договорот од Пржино, изјави белгискиот експерт и олеснувач на процесот, Питер Ванхауте.
Тој денеска пристигна во резиденцијата на ЕУ во Пржино каде еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, ќе има средби со лидерите на четирите политички партии.
Нема да се откажеме затоа што мораме да постигнеме прогрес во оваа држава, им рече Ванхауте на новинарите на влезот од резиденцијата.
-Работиме секој ден за да постигнеме напредок, можам да кажам дека и ноќе работиме. Мора да постигнеме напредок во оваа земја. Секогаш е корисно луѓето да дојдат, да ја видат ситуацијата со свои очи и да зборуваат со луѓето за да формираат сопствено мислење – рече тој на прашање дали беше неопходно доаѓањето на Хан.