На денешната дебата „Граѓаните наспроти санкциите и празните буџетските каси“, професорот Ванчо Узунов ја презентираше анализата од која се гледа како за неколку години, казните во Македонија, власта ги претвори во инструмент за репресија на граѓаните и тие веќе не се инструмент за почитување на законите.
Според Узунов, во земјите каде власта е слуга на граѓаните, а не се граѓаните слуга на власта, казните се употребувааат исклучиво со една цел а тоа е спроведувањето на законите. Во рационален случај, санкциите служат да ги убедат граѓаните дека не се исплати да не ги почитуваш законите.
-Една влада ако сака може да го смени ова правило на казните како инструмент за почитување на законите и да го претвори во инструмент за притисок и уцена и второстепено како фискален инструмент односно како инструмент за полнење на буџетот. Како е тоа направено, прво воведување на огромен број казни за разни дела, се казнува се’ или толку многу работи, што обичниот граѓанин кој има свои секојдневни работи, има ниски примања, не може да следи за што се’ има казни. Кога би имале и најдобри намери да ги почитуваме законите – не може да се почитуваат толкав број на секакви правила. Паралелно на тоа е зголемена висината на казните, драконски – 2000 евра, 5000 евра, суми кои на обичниот граѓанин, ништо не му значат туку само го плашат. Третиот елемент е што со пропаганда граѓаните се убедуваат дека власта се’ знаеме, се’ следиме и казната сто отсто ќе те стигне. Овие три равоти ја претвораат казната од инструмент за почитување закони во инструмент за репересија, рече Узунов Според него, граѓаните соочени со високи парични казни кои не можат да ги платата стануваат инфериорни и паричната казна сакаат да ја заменат со нешто друго – а тоа е послушноста и моделот почнува да функционира обратно, но владата си има своја политичка корист.
Дебатата „Граѓаните наспроти санкциите и празните буџетските каси“ ја организираше Фондацијата Отворено општество – Македонија.
А.Б.