ВИДЕО: Три години затвор за Зоран Милевски – Кичеец за „Рекет“

Од:

Tретообвинетиот за случајот „Рекет“, Зоран Милески-Кичеец е осуден на три затвор откако тој вчера призна вина за случајот и предметот за него беше одвоен од оној против Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева.

Тој останува во куќен притвор до правосилноста на пресудата, и покрај тоа што неговите адвокати бараа куќниот притвор да биде укинат за тој да може да се грижи за неговиот болен родител. Во казната е засметано и времето поминато во притвор од 15 јули годинава.

Милески е осуден за примање награда за противзаконско влијание, дело за кое е предвидена казна затвор од 1 до 10 години.

Тој има право на жалба до Апелациониот суд само во делот на висината на казната, а неговиот адвокатски тим најави дека ќе го искористи правото на жалба бидејќи сметаат дека казната е превисока.

Милески мирно го прими изрекувањето на пресудата, иако во новинарските кругови се шпекулираше дека казната ќе биде пониска, односно условна, со оглед на тоа што тој ја призна вината.

Неговиот адвокат Александар Новаковски вчера пред судот изјави дека Милески не е јавна личност, дека е бизнисмен кој бил вработен во компанија на Орце Камчев кој е сведок во постапката, и дека претходно не е осудуван. Во корист на својот клиент и барајќи условна пресуда, Новаковски кажа дека Милески е татко на пет малолетни деца, дека мора да се грижи за нив, а дополнително и дека неговиот родител и самиот тој имаат здравствени проблеми.

За ексшефицата на СЈО Катица Јанева и за Бојан Јовановски – Боки 13, постапката продолжува в петок, на шести декември, кога ќе сведочат бизнисменот Орце Камчев и неговата сопруга Ана.

Јовановски е обвинет за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари, а Катица Јанева дека ја злоупотребила службената положба и овластување.

Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година, Јовановски го искористил пријателството со шефицата на СЈО, Катица Јанева, и ѝ влијаел да го ослободи од притвор осомничениот бизнисмен, Орце Камчев, во предметот „Империја“.

Јанева му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, при неизменети околности.

Во натамошниот тек на постапката Јанева планирала да му даде својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела, а Камчев да плати незначителен износ на штета и да му се врати пасошот.

Кичеец, пак, договарал средби меѓу Јовановски и брачната двојка Камчеви, а за возврат за посредувањето примиле награда од 1,5 милиони евра.

Јанева, според обвинението, ова го прифатила и за себе прибавила мебел од околу пет илјади евра кој за неа го набавил Боки 13, и готовина од 50.000 евра.

На вчерашното прво рочиште за „Рекет“, Јовановски и Јанева се изјаснија дека не чувствуваат вина за делата за кои се товарат.

Кој е Зоран Милески – Кичеец?

„А1он“ веќе пишуваше за Зоки Кичеец и неговите познанства со високите бизнис и политички структури во земјава.

Тој прекарот го добива по родното Кичево, a во јавноста беше познат како човек близок до поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, односно негов кумашин, како и до бизнисменот Орце Камчев. Откако го завршува Факултетот за туризам и угостителство во Охрид почнува да работи во ноќниот клуб „Арт плаза“, работи како шанкер и вратар, а познат е и како сопственик на ресторанот „Арабеска“ во Скопје.

Во моментов, тој се води како невработен.

Пред да падне Владата на Љупчо Георгиевски, тој станува обезбедување во СДСМ, го напушта Охрид и заминува во Скопје како дел од партиското обезбедување.

По падот на власта на СДСМ во 2006 година Кичеец се зближува со Дејан Митрески – Урко, тогашно обезбедување на поранешниот премиер Никола Груевски, а оттаму се воспоставува и контактот со Мијалков и со Камчев.

Во 2013 година, врската меѓу Камчев и Кичеец почнува да се распаѓа, а за тоа сведочи и инцидентот во кафулето „Интермецо“ кога Камчев е претепан од Кичеец. Веднаш потоа, како што пишуваа медиумите, следувало и одмаздување, па Кичеец е начекан и претепан на паркинг од „силни момци“.

По извесно време, откако тогашната опозиција на чело со Зоран Заев почнува да ги објавува таканарачените „бомби“, Кичеец воспоставува блискост со СДСМ.

Откако односите меѓу Мијалков и Камчев се нарушуваат, Кичеец повторно воспоставува блиски односи со Камчев, но не и со поранешниот директор на УБК, сè до отворањето на случајот „Рекет“ кога Камчев ги пријавува Јовановски, Јанева и Милески дека му изнудувале пари.

Би можело да ве интересира

Маж од Битола и се заканувал и изнудувал пари од сограѓанка

Притворен рекетар од Скопје кој од жртвата барал 180.000 евра

(ВИДЕО) „Да удриш некого, ќе добиеш поголема казна од ова, а тука син ми е убиен“: Таткото на Самоил ќе ја обжали пресудата

A1on

(ВИДЕО) Обвинителството задоволно од пресудата во случајот со грабнувањето на Костадиновски

A1on

Обвинителството бара да продолжи мерката притвор за грабнувачите на Самоил Костадиновски

A1on

(ВИДЕО) Вкупно осум години затвор за грабнувачите на Самоил Костадиновски: Го грабнале за да му наплатат за украдена дрога

A1on