Во американските сојузни држави Тенеси, Алабама и Оклахома за денеска се закажани погубувања на тројца осуденици. Последен пат три смртни казни во САД беа извршени во ист ден пред речиси 16 години.
Трите погубувања се одвиваат во држави кои, заедно со уште неколку други, се одговорни за најголемиот дел од извршените смртни казни во САД.
„Во целата земја постои само мала група од пет или шест држави кои сè уште ја спроведуваат смртната казна и изрекуваат нови пресуди“, рече Робин Махер, извршна директорка на Информативниот центар за смртна казна.
Во текот на 2025 година, 11 американски држави погубија 47 лица, најмногу од 2009 година. Флорида беше на прво место со 19 погубувања, додека Алабама, Јужна Каролина и Тексас извршија по пет.
Во 2026 година досега во четири држави се извршени 19 смртни казни. Последен пат три погубувања во ист ден беа извршени на 7 јануари 2010 година во Луизијана, Охајо и Тексас.
Во Тенеси е закажано погубувањето на 66-годишниот Ентони Дарел Хајнс, три месеци откако погубувањето на друг затвореник беше откажано поради проблеми со поставувањето интравенска линија.
Хајнс тврди дека неговата здравствена состојба, вклучувајќи два мозочни удара поради кои е делумно парализиран, го зголемува ризикот од компликации. Гувернерот Бил Ли одби да интервенира, а Врховниот суд на Тенеси го одби барањето за одложување.
Хајнс е осуден за убиството на 54-годишната Кетрин Џин Џенкинс, собарка во мотел во Кингстон Спрингс, која ја усмрти со нож во 1985 година.
Во Алабама е закажано погубувањето со смртоносна инјекција на 42-годишниот Џереми Вилијамс, осуден за силување и убиство на петгодишно девојче од Џорџија во 2021 година.
Вилијамс го призна убиството и самиот побара извршување на смртната казна. Околу 10 отсто од погубените во САД се таканаречени „доброволци“, односно осуденици кои се откажуваат од жалбите.
Доколку казната биде извршена, тоа ќе биде првото погубување во Алабама годинава.
Во Оклахома е закажано погубувањето на 70-годишниот Карлос Куеста-Родригез, осуден за убиство на својата партнерка Олимпија Фишер во 2003 година.
Одборот за помилувања во Оклахома минатиот месец одби да препорача помилување, иако неговите адвокати побараа казната да биде заменета со доживотен затвор без можност за условно ослободување.
Самиот Куеста-Родригез пред одборот изјави дека не сака помилување и порача дека жали за она што го направил.
„Не бев при здрав разум кога направив нешто толку ужасно. Во сето ова не успевам да најдам никаква смисла“, рече тој.
