Претседателката на „Транспаренси интернешнал – Македонија“, Слаѓана Тасева, ги обвини „Макфакс“ и „А1он“ за минирање на прес-конференцијата откако ја прашавме зошто застапува интереси на компанија, ќерка на фирма која „Транспаренси – интернешнал“ во 2013 година во Белгија ја оценила како коруптивна. Во извештајот на „Транспаренси – интернешнал“, кој е јавно достапен, како коруптивна е оценета компанијата ЕНРЦ, мајка на компанијата „Кунико рисорсис“.
„Каде вие слушнавте дека ние застапуваме интерес на ‘Кунико рисорсис’? Тоа е ваше извртување на состојбите, на фактите и на нашето искажување. Ние минатата прес-конференција само кажавме дека постапуваме по претставка, а тоа не значи дека застапуваме било чии интереси. Ние работиме само објективно и на основа на факти и дали таа претставка ќе покаже едно или друго сè уште не знаеме затоа што во тек е проверката. Вие ако дојдовте овде да ми ја минирате прес-конференцијата, ви благодарам“, рече Тасева.
Таа вели дека и претходно слушнала дека треба да гледаат што се случило претходно, но се прашува кој е интересот на Македонија во тоа.
„Колку милиони, билиони македонски пари уште од 1973 година се вложени во овој гигант, мои, ваши, на нашите родители?! Сега некој сака да го зграпчи без пари. И колку квадрати земја од Тиквешијата е тоа и што ќе се случи и со имотот и со луѓето и со сега вработените? Тоа што некој правел, па бил во Белгија, па бил на листата, тоа не е нашиот интерес“, рече Тасева.
На прес-конференцијата Тасева постапувајќи по претставката од „Кунико рисорсис“ побара стечајната судијка да го отфрли планот за реорганизација на „Фени“ оти бил доставен 12 дена по истекот на рокот. Стечајниот управник на „Фени“, Миодраг Анастасиевски, по обвинувањата, изјави дека Тасева изнесува паушални информации и дека планот бил поднесен во законскиот рок.
Маја Илиевска-Пачемска