Казахстанското трио што го уништи „Фени“ купува фабрика за преработка на руда во Грција

Од:

Казахстанското трио, како што во светот се познати сопствениците на „Кунико рисорсис“ кои ја доведоа кавадаречката фабрика „Фени“ до стечај, сега се активни во Грција. Грчкиот дневен весник „Катимерини“ викендот јави дека казахстанското трио е заинтересирано да ја купи фабриката за преработка на руда „LARCO“, овој пат преку компанијата „TELF AG“.

„Во обид да ги пронајдеме сопствениците на овој кандидат за ‘LARCO’, ги следевме патеките почнувајќи од далечниот Алмати, Казахстан, што води кон Скопје и Косово, од Дубаи и води кон Лондон, Амстердам и Лугано (Швајцарија), со посредничка станица во Гернзи, еден од Каналските Острови, односно даночно засолниште, офшор. TELF е комерцијален оператор на ERG, групацијата Eurasian resource group, дел од индутријата со фероникел, со седиште во Казахстан. ERG е контролирана од т.н. ‘казахстанско трио’ на Александар Машкевич, Патхох Чодиев и Алијан Ибрагимов. Во последните неколку години, сите тројца, наводно, се соочуваат со многу правни потешкотии, дури и обвинувања од страна на надзорните органи. Покрај тоа, тие се вклучени во листата на физички лица издадена од Транспаренси интернешнал во врска со истрагите за измама, мито и корупција“, пишува „Катимерини“.

Весникот пишува дека казахстанското трио било заинтересирано за истата фабрика и во 2009 година, преку „Кунико рисорсис“ кои беа сопственици и на „Фени“, а сега против нив се водат низа судски процеси и меѓународни истраги.

„Во не многу далечната 2009 година, ‘Кунико’ беше заинтересиран за LARCO. Меѓутоа, ситуацијата беше некако поинаква. ‘казахстанското трио’ контролираа само 50% преку IMR. Останатите 50% беа во сопственост на BSG Resources, со седиште во Гернзи, на израелскиот тајкун Бени Штајнмерц. Денес BSGR контролира од нула до 10% максимум. Освен тоа, во тоа време, ‘Кунико’ беше предводен од г-дин Константинос Даскалакис, поранешен претседател и извршен директор на LARCO. ‘Грчката заедница’ во ‘Кунико’ беше голема, бидејќи г-дин Даскалакис ги ангажирираше Грците кои претходно работеа во LARCO, а потоа ги вработил во разни рудници купени од ‘Кунико’ во Скопје, Косово, Албанија и Замбија. Извршниот директор на TAIPED (ΤΑΙΠΕΔ / HRADF, Hellenic Republic Asset Development Fund, Фонд за развој на фондови на Република Грција) во 2009 година, го посетува Даскалакис во Скопје на тема LARCO. Денеска, Даскалакис повеќе не работи во’Кунико’“, стои во истражувањето на весникот.

Под посебен наслов „ Динамичен влез со несреќен крај во Северна Македонија и Косово“ е опишано како „Кунико“  ја доведе до стечај фабриката „Фени“ и како ја затвори фабриката во Косово.

„Кунико рисорсис“ ја тужи Македонија пред арбитражниот суд во Вашингтон. Кое е обвинението за државата Владата не откри, но соопшти дека за одбрана ја ангажирале американската адвокатска канцеларија „White & case”.

За злоупотребите во „Фени“ во македонските судови се поднесени над десет кривични пријави против поранешните раководни лица назначени од „Кунико“, а кривични пријави заработија и неколку фирми поврзани со „Фени“. Злоупотреба на службена должност, перење пари, злосторничко здружување и измама, се само дел од обвинувањата вo кривичните пријави. Основното јавно обвинителство Велес, откако во предистражна постапка утврди дека дел од обвинетите не се во Македонија преку Министерството за правда до надлежните органи на Узбекистан и Кралството Холандија упати замолница за меѓународна правна помош.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

Отворена стечајна постапка за поранешно Фени: На работниците им должи 2,18 милиони евра за плати

Орце Костов

Комерцијална банка го презеде поранешен Фени за 37,9 милиони евра

Орце Костов

Кавадаречките политичари ги поддржаа работниците: Нема да се дозволи да се изгасне печката во Фени

А1он

Ако се исклучи печката, Фени нема да работи една година: Висат 800 работни места

Орце Костов

Исклучени печките во „Фени“, вработените една седмица на работа, три дома со 70 % плата

Маја Илиевска-Пачемска

„Еуроникел“: Нема отпуштања во „Фени“ ниту фабриката се продава, почнува плански ремонт

Маја Илиевска-Пачемска