Криминалната врхушка со помош на ДУИ носат некаков закон за помилување. Ние не сме за закон за помилување, туку а целосно укинување на аболицијата на сите криминалци, рече вечерва пред демонстрантите од Шарената револуција пратеникот Горан Сугарески.
– Груевски на 11 мај поднесе листи и ги убедуваше таканаречените бранители на Македонија дека ќе има избори на 5 јуни. Жал ми е што за мене најсилната институција, Уставниот суд, пет луѓе, направија мивки од тие судии. Во февруари ги тераа да гласаат против, а сега за иницијатива за укинување на одлуката за распуштање на парламентот. Законот што денеска го донесоа во Собрание, иако стои таму дека овие аболирани криминалци со писмо треба да се јават и да бараат аболицијата да биде симната, најголем дел тоа нема да го направат, и по нивниот закон, нема да го направат. Но тој закон не е важен, рече Сугарески.
Според него, важно е што пратеничката група на опозицијата поднела барање за автентично толкување на законот за помилување, со кое што јасно бараат да се поништи членот 11 од Законот за помилување, кој член практично не постои, и врз база на тоа сите одлуки од Иванов да се поништат.
– Само Вељановски и Груевски имаат поднесено барање да се поништи аболицијата, Мијалков лаже дека има поднесено писмо. Ќе мора да се соочат со лицето на правдата, ќе дојде денот кога ќе дојде правдата. Не можат вечно да се кријат зад полиции, рече Сугарески.