Претседателот на Фондацијата „Македонија“ , Виктор Стојанов со неколку видеа на социјалните мрежи се пофали дека стотици Бугари ја преминале македонската граница за да им се приклучат на Бугарите од Македонија на чествувањето на македонската револуционерка Мара Бунева.
– Стотици Бугари ја поминаа границата пред мои очи и одат во Скопје да го почитуваат споменот на нашата хероина Мара Бунева. Обединети и организирани можеме да бидеме лидер на Балканот. Останав на граница и нема начин да преминам, но среќен сум од она што го видов, среќен сум што сме обединети. Барем за еден ден, барем за доброто на Мара. И ова е само почеток на нашето обединување – се огласи Стојанов.
Организирани од Фондацијата, Бугарите одржаа панихида за револуционерката Мара Бунева во црквата Свети Димитрија во Скопје и потоа се упатија кон нејзината спомен плоча на Кејот на Вардар.
Фондацијата на Виктор Стојанов организирала превоз за Бугарите од Охрид, Битола, Богданци, Струмица, Штип и Кочани, а информира и дека полицијата ќе се грижи за безбедноста при чествувањето.
Фондацијата информира дека скопската полиција веќе била известена и дека ќе се грижи за безбедноста на учесниците на чествувањето.
Во последните неколку години бугарски здруженија се собираа пред спомен-плочата на Мара Бунева од Тетово која го извршила атентатот врз државниот обвинител на Србија, Велимир Прелиќ на 13 јануари 1928 година.