Во иницијативата за оспорување на уставноста на законите за плаќање на придонеси на хонорарите, за која денеска се расправаше во ГЕМ, во организација на Фондацијата Отворено општество Македонија и Платформата Ајде, се вклучи и Стамен Филипов, правник со долгогодишно искуство со постапките за оспорување и заштита на уставноста на голем број закони.
Според него има повеќе цврсти аргументи за оспорување на законот за хонорарите.
– Уставнниот суд досега од 2005, кога е прв пат донесен овој закон, има донесено 11 укинувачки одлуки што остава можност за различно толкување и негова различна примена. Тоа претставува повреда на правната сигурност на граѓаните, како елемент на владеење на правото од член 8 од Уставот на Република Македонија.
Според Филипов, граѓаните со ваквите законски измени се ставаат во нерамноправна положба во смисла на тоа дека и вработените и хонорарно ангажираните се обврзани да плаќаат придонеси за социјално, здравствено и инвалидско осигурување, но немаат исти права, како правото на одмор, право на плата, туку само на надомест, право на свое работно место и отсуство заради боледување.