Еден од спомениците на албанските дејци, Пјетер Богдани после полноќ од камион беше истоварен во Паркот „Жена Борец“ и оставен во тревата да лежи, пред празниот постамент на кој треба да биде поставен.
Од Фиренца најверојатно пристигнаа и другите два споменици, на Неџат Аголи, прв министер за здравство во Владата во 1945 година, и поетот Јосиф Багери. За овие три споменици, дел од проектот „Скопје 2014“ постапката беше завршена пред 2013 година, но тие не беа донесени од Фиренца ниту поставени досега поради таквото барањето на претходното раководство на општина Центар.
Претставници на Министерството за локална самоуправа, и поранешниот и актуелниот министер пред еден месец беа во Леарницата во Фиренца и било договорено испорачување на трите споменици.
ВМРО-ДПМНЕ во изминатиов период вршеше притисок врз градоначалмикот на општина Центар, Андреј Жерновски каде се и зошто не ги поставува спомениците, но и дека нема да го напаѓале доколку ги постави.
Жерновски возврати дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, пред три години склучиле партиски договор за одлужување на поставувањето на спомениците на познатите албански дејци.
– Јавноста треба да ја знае вистината со какви политички манипулации и игри се служат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за добивање гласови. Општина Центар за проектот „Скопје 2014“ била пералница за пари. Од документите се гледа дека општина Центар требала само да ги префрли парите за споменици на Неџат Аголи, Јосиф Багери и Пјетер Богдани, рече Жерновски во март годинава.
Владата на седница одржана на 12 јануари годинава го задолжила Министерството за локална самоуправа, преку општина Центар, да организира транспорт на трите споменика од италијанскиот град Виченца до Скопје.
– Гледате какви одлуки носи Владата за да изврши притисок врз општина Центар. Затоа барам итно, на првата наредна седница, Владата да ја поништи оваа одлука, рече тогаш Жерновски.
Тој истовремено истакна дека двете владејачки партии треба да одговорат зошто претходниот секретар во општина Центар потпишал документ за одложување на лиењето на само овие три споменици. На тој начин, претходното општинско раководство ги оставило овие споменици за реализација на сегашното раководство на општина Центар.
Жерновски кажа дека нема да учествува во политичките игри, ниту во пералницата наречена „Скопје 2014“. Од општина Центар информираа дека тие не поставуваат никаков споменик во вечерните часови и не знаат за што се работи.
Пјетер Богдани се смета за основоположник на албанската книжевност.