Техничкиот премиер Оливер Спасовски по состанокот на Советот за безбедност посочи дека институциите мора да преземат одговорност и за парламентарните избори кои треба да се одржат, бидејќи државниот систем треба да биде целосно функционален за да се справува со пандемијата. Според Спасовски, Владата барала нови 14 дена вонредна состојба за да имаат механизми за да го спроведат и третиот пакет економски мерки.
„Во овие моменти кога разговараме, една од причините за нови 14 дена вонредна состојба се темели и на тоа дека треба да носиме одлуки кои ќе значат поддршка на рестартирањето на македонската економија, поддршка на граѓаните, со цел да се надмине ова што ни се случуваше како резултат на здравствената криза“, рече Спасовски.
Според него, граѓаните треба да се свесни и да научат да живеат со пандемијата. Тој кажа дека анализите на експертите и СЗО покажуваат дека коронавирусот ќе има посилен интензитет во текот на есента и зимата, а тогаш, државата не смее да биде оставена без институции кои би функционирале со цел капацитет.
„Институциите мора да ја преземат целата одговорност. Ова би биле 14 дена во кои треба да ги завршиме сите аспекти во делот на справувањето со економските последици со здравствената криза, да се продолжи со сите мерки кои ги донесе Владата. Едно треба да ни биде јасно, со пандемијата треба да научиме за живееме. Едноставно, секој граѓанин треба да биде свесен дека мора да живееме со пандемијата и согласно со тоа да се подготвуваме во наредниот период за такво однесување. Уште поважно е да имаме институции кои се функционални кои ќе носат одлуки. Ние сме во ситуација кога немаме парламент функционален. Затоа реков дека институциите мора да преземат одговорност и за парламентарните избори, за нова политичка Влада. Сите анализи на експертите и СЗО укажуваат дека ова ќе трае и дека може да добива интензитет во есента или зимата, а ние не смееме да ја оставиме државата без институции кои би функционирале со цел капацитет. Ова е нешто неминовно кое мора да го преземат сите институции“, рече техничкиот премиер Спасовски.