Револтирани од лустрацијата на Славко Јаневски и Божин Павловски, група млади луѓе во ред чекаа да купат книги од двајцата писатели. Не ја прифаќаат одлуката на лустраторите и ја оценуваат како политичка пресметка. На редот пред книжарницата Култура во центарот на Скопје, им се приклучија и постари граѓани. Тие сметаат дека е срамно основоположници на македонската литература како Јаневски и Павловски да бидат жртви на лустрација и политичка пресметка.
– Со купување книги симболично го изразуваме револтот против политичката пресметка на лустраторите врз оние што се втемелени со македонскиот идентитет, изјави Андријана Коколанска.
Иницијативниот одбор на оваа акција „Купи книга“„ ги повикува граѓаните кои се згрозени од ваквиот чин, да излезат до најблиската книжарница и да купат барем по недна книга од лустрираните писатели и на тој начин да го дадат својот отпор и несогласување.
Скопјанката Ева Обрадовиќ, поттикната од последните случувања со лустрацијата, со купување книга, порача дека лустрацијата на писателот Славко Јаневски не е во ред, бидејќи тој е признат пистел не само во македонски, туку и во светски рамки.
– Не е убаво ова што се прави. Треба повеќе да водиме сметка за нашите вредности и да не прекинуваме со тоа – изјави Обрадовиќ.
Групата на млади луѓе истакна дека со ваквата срамна лустрација, Македонија сама како држава го негира јазикот и идентитетот.
Акцијата е организирана од млади луѓе преку социјалната мрежа Фејсбук. Тие очекуваат акцијата да продолжи и во наредните денови.
Петар Клинчарски