Кандидатот за градоначалник на Скопје од СДСМ Петре Шилегов на последниот ден од изборната кампања од мостот на булеварот АСНОМ испрати, како што рече, „силна порака која ќе допре и до разумот и до срцата на сите луѓе кои во Скопје го основале својот дом“.
– Новиот мост „Михајло Апостолски“ на булеварот АСНОМ мост не поврзува само две страни на еден булевар, не поврзува само две населби, три општини, овој мост нè поврзува нас, граѓаните на Скопје, изјави градоначалникот Шилегов на почетокот од денешната прес-конференција.
– Овој мост ја испраќа пораката дека Скопје веќе не е поделен град. Во Скопје веќе не се делиме, на важни и помалку важни, на наши и нивни, на Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и други. Овој мост е на сите кои макар еднаш поминат преку него. Од исток кон запад, од север кон југ и обратно, нагласи Шилегов.
– Овој мост не е само обично сообраќајно решение за поврзување на АСНОМ и Васко Карангелески во Аеродром со Гоце Делчев и Беласица во Центар, со Никола Карев и Александар Македонски во Гази Баба, додаде Шилегов.
– Со изградбата на овој мост жителите на Аеродром веќе нема да чекаат по 40 минути на Железничка кога одат или се враќаат од работа. Со изградбата на овој мост веќе нема од Ново Лисиче до Мавровка да се да се кружи од кај МАНУ или Бит Пазар, порача Шилегов.
– По овој мост ќе се движат безбедно и брзо и пешаци и велосипедисти, и јавен градски превоз и автомобили, без застој, без доцнење, без непријатности, продолжува Шилегов.
– Мостот на булевар АСНОМ е симбол на поврзувањето, другарството и слободата. И затоа, неслучајно, донесовме одлука токму овој мост да го носи името на народниот херој, храбриот Генерал Михајло Апостолски кој бил еден од најистакнатите членови на Президиумот на АСНОМ, еден од најзаслужните за раѓањето и градењето на македонската држава, за ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор, за пишувањето и негувањето на нашата, скопска и македонска историја. Нека живее вечно споменот на овој голем човек во срцата на скопјани, нека го поврзува градот убав цврсто и силно како неговата борба за слободата и раѓањето на нашата Македонија, нагласи Шилегов.
– Почитувани скопјанки и скопјани, ве повикувам во недела, на 17 октомври да го дадете вашиот глас за градењето мостови меѓу луѓето, за континуитетот на европско, уредно и зелено Скопје на среќни луѓе кои искрено си го сакаат својот град. Секој глас е важен и секој глас не носи поблиску до победата. Направете го тоа за сите нас, направете го тоа за сите генерации, направете го тоа за Скопје, затоа што Скопје е една поинаква приказна, Скопје е нашиот заеднички дом, повика градоначалникот Шилегов на крајот од своето обраќање.