(ВИДЕО) Шилегов: Ги исполнуваме долговите кон ослободителите

Од:

Делегации од земјава и од странство денеска положија цвеќиња пред Споменикот на ослободителите, на платото пред Владата на Република Македонија, во чест на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје. Цвеќиња денеска положи и делегација на Град Скопје, составена од градоначалникот Петре Шилегов, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ.

– Денот на ослободувањето на Скопје има посебно место во срцата на секој од нас. Денес со гордост се сеќаваме и го славиме нашето богато и славно минато, но и ја потврдуваме нашата антифашистичка припадност. Така и овој 13 Ноември, вреди да се потсетиме колку тешко и скапо ни е платена слободата. Според историските извори, вкупната сила на фашистичките единици коишто го окупирале Скопје изнесувала една дивизија. Во деновите на борбите за ослободување на Скопје по улиците бил растуран леток на германски јазик, упатен до окупаторските војници и офицери. Ова говори за широкиот зафат во ослободувањето на градот. За илустрација на самопрегорот за ослободување на нашите сограѓани, ќе го споменам само следниов цитат од летокот: „Секоја улица од Скопје води кај партизаните.“ Во ослободувањето на Скопје учествувале единиците на 12. бригада, 3.бригада, 8.бригада, на 42.дивизија, 50.дивизија, како и 16.бригада. Нападот за ослободувањето на градот почнал во текот на ноќта помеѓу 12 и 13 ноември 1944 година. Вечерта, на 13 ноември, Скопје било ослободено, а на борците – ослободители им бил приреден свечен пречек, недалеку од тука. И додека многу градови низ Европа ги ослободуваа странски војски, Скопје го ослободија нашите партизани. Иако беа далеку помалку опремени од окупаторот, иако беа послабо вооружени тие успеаја да го победат затоа што го бранеа својот град, својот дом, а има ли нешто посвето отколку да го жртвуваш животот за својот дом – рече пред присутните градоначалникот Шилегов.

Шилегов потсети дека во борбите за ослободување на Скопје загинале 398 борци.

– Ним и на преостанатите борци, им должиме да работиме посветено за нашиот град, но и да не ја заборавиме нивната пожртвуваност. Изминатава година докажавме дека се грижиме за нашето наследство од НОБ: го возобновивме со години затворениот Музеј на илегалните работилници за оружје, ја почнавме постапката за подигање спомен-обележје на Кемал Сејфула, Сојузот на борци повторно доби свои простории, а соработката со Градскиот одбор на СОЗБНОВ е на највисоко ниво. Длабоко сум убеден дека со она што успеавме да го реализираме во изминатава година исполнивме барем дел од нашиот долг кон ослободителите. Нека ни е честит 13 Ноември, а вам драги борци, ви ветувам дека никогаш нема да го заборавиме вашиот влог за ова Скопје коешто го имаме денес – истакна Шилегов.

Пред Споменикот на ослободителите на Скопје, цвеќиња и венци денеска положија и: делегација на Градскиот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ; делегација на Советот на Град Скопје; делегација од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија; делегација од Владата на Република Македонија; делегација од Собранието на РМ; делегација на АРМ; делегации на дипломатскиот кор; делегации од oпштините на град Скопје, делегации на политичките партии, делегации од јавните претпријатија и културните установи на Град Скопје; делегација на Црвен крст на град Скопје и на Република Македонија; како и граѓани на Скопје.

Претходно, градоначалникот Шилегов, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ, ги предводеа делегациите коишто денеска положија цвеќиња пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта во „Бутел“ и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на гробиштата „Бутел“.

На гробиштата во Бутел цвеќиња положија и Делегација на Градскиот одбор на Сојузот на борците од народноослободителната антифашистичка војна – Скопје; делегација од Собранието на Република Македонија; делегација од Владата на Република Македонија; делегација од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија; делегации од општините на Град Скопје; делегации од јавните претпријатија и јавните културни установи на Град Скопје; делегација на Црвен крст на град Скопје, како и делегации на дипломатскиот кор, граѓани и институции.

Денешното одбележување на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје почна со традиционалната средба на градоначалникот Петре Шилегов и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија, која се одржа во Кабинетот на градоначалникот. Градоначалникот им се заблагодари на борците за несебичната и пожртвувана борба за слободата по која копнееле генерации скопјани и изрази желба оваа убава традиција на средби да продолжи.

Би можело да ве интересира

Град Скопје: Трајко Славески не прифати седница за донирање на месечните паушали за Леонид

Предраг Петровиќ

Дива депонија во Визбегово, Арсовска најави кривични пријави

Стојановски: Утре изутрина од 4:45 часот јавниот градски превоз ќе продолжи нормално да функционира

Предраг Петровиќ

Советот на Град Скопје ја донесе одлуката за давање субвенции на ЈСП Скопје за 2024 година

Град Скопје: Вработените во ЈСП Скопје без плата, а граѓаните на Скопје без превоз

Левица: Итна седница на Советот на Град Скопје, Трудот на работниците во „Флораком“ и „Луна“ мора да биде исплатен

А1он