(ВИДЕО) Шекеринска: Доаѓањето на Столтенберг, Меркел и Курц – чин на силна поддршка за Македонија

Од:

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска ја посети Воздухопловната бригада во Здружената оперативна команда на АРМ. Во рамки на посетата министерката беше кусо брифирана за оперативната подготвеност и мобилност на Воздухопловната бригада која е зголемена по враќањето на четири хеликоптери на кои беше извршен ремонт.

Притоа министерката Шекеринска накусо беше запознаена со техничките капацитети на хеликоптерите и со можностите тие да бидат користени како за основната намена, така и за транспорт на материјали за поддршка на цивилното население при природни непогоди и катастрофи.

Изразувајќи задоволство од зголемениот број на оперативни хеликоптери во Воздухопловната бригада, министерката посочи дека во изминатиот период не се чекала само поканата од НАТО, туку и активно се работело на нејзино добивање и исполнување на условите за полноправно членство во Алијансата.

„Денеска сме тука заради тоа што веќе четири хеликоптери се вратија од ремонт, два транспортни и два борбени и тие дополнително ја зголемуваат борбената готовност и оперативноста на нашата армија. Ова покажува дека во изминатиот период не седевме и чекавме НАТО покана, туку реално работевме за истата да финишира со членство во Алијансата. Оваа недела го распишавме и новиот конкурс за 8 воени пилоти и ги повикувам да се пријават сите млади кои што се привлечени од можноста за една ваква престижна кариера“, рече министерката.

Шекеринска подвлече дека светот ја поддржува Македонија и дека за првпат се случува генерален секретар на НАТО двапати во една година да посети земја која се уште не е членка на Алијансата. „Ако во јануари месец генералниот секретар Јенс Столтенберг со својата посета покажа дека Македонија има шанса да ја добие НАТО поканата ако ја сработиме, оваа посета сакам да ја гледам како симбол, како доказ, како пример дека Македонија може да стане земја – членка на Алијансата“, истакна министерката.

Шекеринска рече и дека во следните денови ќе дојдат и премиерите на Австрија и на Германија, Себастијан Курц и Ангела Меркел и дека тоа покажува оти светот го цени ова што се случува во Македонија и дава силна поддршка на нашите две стратешки цели – членство во ЕУ и членство во НАТО. „Меѓутоа одлуката е во наши раце. На 30 септември, Македонија има шанса, нејзините граѓани имаат шанса со својот глас да обезбедат Македонија да стане 30 – земја членка на НАТО“, рече министерката Шекеринска.

Првите два борбени хеликоптери Ми-24 се вратија од ремонт пред неколку седмици, а во понеделникот (3 септември) пристигнаа и двата транспортни хеликоптери Ми-8. Други два транспортни хеликоптери Ми-8 беа ремонтирани во минатата година. Ремонт на леталата на Воздухопловната бригада на АРМ е само еден дел од континуираните мерки кои се преземаат за подобрување на условите и зајакнување на капацитетите на Армијата на Република Македонија.

Би можело да ве интересира

НАТО соопшти дека не ги гледа условите за поканување на Киев во Алијансата

НАТО: Украина да обезбеди војници, ние испраќаме само средства

Горан Наумовски

Нордиските и балтичките земји ја поддржуваат улогата на НАТО во поддршката на Украина

Русија: Немаме намера да влегуваме во конфликт со НАТО

Столтенберг: Прашањето не е дали, туку кога Украина ќе стане членка на НАТО

Горан Наумовски

Четири години од членството во НАТО – Земјава не е само фактор на стабилизација на регионот, туку и поттик за државите во соседството