Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги повика земјите-членки на Северноатлантската алијанса да ги забрзаат подготовките за можна војна, предупредувајќи дека одговорноста за безбедноста не може да лежи само кај вооружените сили, туку дека во подготовките мора да бидат вклучени и граѓаните, економијата и локалните власти.
Обраќајќи им се на учесниците на 72-рата годишна сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Берлин, Руте нагласи дека земјите од Алијансата мора да развијат системи кои ќе овозможат функционирање на граѓанското општество дури и во случај на вооружен конфликт.
„Мораме да го следиме примерот на најдобрите во НАТО, односно Норвешка, Шведска, Данска, Финска и можеби уште неколку други земји, кои јасно им објасниле на своите граѓани што треба да прават во случај на војна“, рече Руте.
Тој посочи дека цивилното население мора да биде подготвено, така што во кризни околности не само што нема да го попречува дејствувањето на армијата, туку и ќе придонесува за функционирањето на одбранбениот систем.
Според него, подготовките за потенцијална војна опфаќаат многу повеќе од набавка на оружје и зајакнување на воените капацитети. Како што истакна тој, неопходно е приватните компании, јавните служби и локалните власти да ги разберат своите задачи во случај на сериозна безбедносна криза.
Руте повторно побара од сојузниците да го забрзаат зголемувањето на воените трошоци и да претстават веродостојни планови за постигнување на целта – издвојување на пет отсто од бруто-домашниот производ (БДП) за потребите на одбраната и безбедноста, најдоцна до 2035 година.
Според планот на НАТО, 3,5 отсто од БДП би биле наменети за основните воени потреби, додека преостанатите 1,5 отсто би покривале пошироки безбедносни инвестиции, вклучувајќи инфраструктура, воена мобилност и отпорност на општеството.
Генералниот секретар на Алијансата, исто така, предупреди на зачестувањето на активностите што НАТО ги смета за непријателски, наведувајќи ги саботажите на железничката инфраструктура, сајбер-нападите, инцидентите во воздушниот простор и заканите по безбедноста на поморскиот сообраќај.
Тој посвети посебно внимание на хибридните закани, кои, според раководството на Алијансата, претставуваат сè посериозен предизвик за европската безбедност.
