Скулпторот и академик Томе Серафимовски е зачуден од информациите дека тој се согласил со преместувањето на неговиот споменик „Скопје ’63“ од паркот спроти Музејот на Град Скопје.
Тој за А1он вели дека со него контактирала по телефон некоја госпоѓа, кустос, која му соопштила дека било одлучено споменикот да се дислоцира кај МАНУ или МКЦ, но тој не се согласил со тоа. Потоа, Серафимовски слушнал дека директорката на Музејот на Град Скопје дала изјава дека тој се сложил со дислокацијата и дека таа разговарала со него, коментирајќи дека тоа не е точно, бидејќи никогаш не разговарал со директорката на музејот.
Серафимовски објаснува дека по ова тој реагирал во Градското Собрание, каде му рекле дека тоа е одлучено на ниво на Град Скопје, а по ова следела покана за разговор со градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
„Градоначалникот Трајановски ме прими, љубезно, и ми кажа дека и него го информирале дека јас сум се сложил со дислокацијата, на што јас одговорив дека не е точно“, вели Серафимовски. По ова Трајановски ја побарал директорката, која потврдила дека не разговарала со Серафимовски.
„Како тогаш таа тврди дека со неа сум разговарал? Јас сум разговарал само со една госпоѓа, кустос која ме праша ако не се сложувам со таа локација дали сум размислувал за некоја друга“, објаснува тој, велејќи дека најдобро место за споменикот сепак е локацијата каде тој до утрово се наоѓаше.
Сепак тој посочува дека како алтернативно место, го посочил просторот пред Музејот на Град Скопје, а градоначалникот Трајановски побарал уште некоја привремена алтернатива од него, бидејќи како што рекол тој, Град Скопје откако ќе завршат градежните работи планира да го врати споменикот на локацијата спроти Старата железничка станица. Серафимовски како привремена локација го предложил паркот пред НУБ Климент Охридски, и како што вели договорот до сега е таков. Споменикот до завршувањето на градежните работи би требало да биде преместен таму.
Засега како што му јавиле на авторот, споменикот е преместен во простор каде е засолнет додека не се направи постамент пред НУБ Климент Охридски. Планирано е по година ипол споменикот да префрли на алтернативната локација која Серафимовски му ја посочил на Трајановски, пред влезот на Музејот на град Скопје.
Темјана Поповска