Озаконување на корупцијата во медиумите и на голема врата враќање на методите на поранешниот премиер Никола Груевски за купување на уредувачката политика ќе значи евентуалното прифаќање на нацрт-предлогот за измени на Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, сметаат новинарските здруженија. Нацрт-предлогот предвидува укинување на забраната за влез на државни пари во приватните медиуми, а државата не само што слободно ќе може да ги финансира туку ќе биде и обврзана на тоа, односно на медиумите ќе им бидат гарантирани 0,1 проценти од приходите во централниот буџет или околу 3,5 милиони евра и половина процент од буџетите на 80 општини и град Скопје.
Владата на СДСМ во 2017 година се колнеше дека ќе го искорени финансирањето на медиумите со државни пари. Поранешниот премиер Зоран Заев ваквиот начин на финансирање го нарече коруптивен и токму затоа забраната стана законска.
„Ги прекинавме владините реклами кои беа назначени од домашните и меѓународните фактори како извор на притисоци и контрола врз медиумите, а ќе ги објавиме сите досегашни трошоци за овие реклами“, изјави Заев неколку месеци по доаѓањето на власт.
Новинарските здруженија се остро против предлогот за повторно враќање на државните пари во медиумите.
„ЗНМ и еснафските здруженија се остро против овој предлог, кој е стигнат во Собранието, и против секој друг предлог што на некој начин промовира државни пари за платени кампањи во приватните медиуми бидејќи на тој начин може директно да се влијае во уредувачката и новинарската независност на медиумите. Оваа Влада беше таа што го укина тоа бидејќи тогаш се обвинуваше за криминал направен во времето на режимот од 37 милиони евра, каде што државни пари беа инјектирани во медиумите со цел да се влијае на нивната уредувачка политика и сега зачудува што истата оваа Влада се враќа на принципите што сама остро ги критикуваше. Ние мислиме дека едно вакво решение секако ќе нанесе многу штета во новинарството и на медиумската сцена и на медиумскиот пазар бидејќи не само што ги промовира државните пари како главен фактор во одлучувањето на медиумите туку и дополнително создава непазарни тенденции во општеството, со што ќе влијае на самиот пазар во смисла на тоа дека ќе фаворизира едни наспроти други медиуми. Зошто Владата ова го прави, ако го разгледате предлогот, веројатно може да се види дека тенденцијата е да се задоволат повеќето од националните телевизии, петте телевизии, но во причините зошто тоа го прави не би навлегувал. Веројатно пак треба да се вратиме на старото решение бидејќи на најлесен начин вака се купува уредувачката политика“, вели Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија за „А1он“.
Дека предлогот е класичен поткуп на медиумите, смета и Димитар Мицев, претседател на Здружението на регионални и локални медиуми „Медиум Објектив“.
„Јас сметам дека ваков предлог воопшто никому не му одговара, освен на петте национални, терестријални телевизии и доколку сакаат да го протнат ваков каков што е, сметам дека нема потреба од првање законски промени, едноставно нека одделат 0,1 отсто од буџетот на државата и нека им го дадат. Ова е класично поткупување на медиумите затоа што на овој начин сакаат да ги придобијат. Го прочитав целиот детаљно – станува збор за финансирање на најголемите телевизии, а притоа го озаконуваат и давањето пари на другите медиуми, кои се ставени во подредена состојба“, рече Мицев.
Новинарските здруженија не биле вклучени во ниту една фаза од подготовката на нацрт-предлогот ниту, пак, биле побарани од нив какви било насоки, па ќе ги преземат сите мерки што им стојат на располагање за предлогот да не биде прифатен.
„Во ниедна фаза немаме учествувано во изготвување еден ваков предлог од едноставна причина што ние сме против ваков предлог и не би навлегле во материјална расправа за предлог што би фаворизирал озаконување на корупцијата во медиумите. Тоа е спротивно на нашите принципи, се боревме за тоа во 2011 година, се боревме за тоа во 2015 година, остануваме доследни и во 2022. Прво, секако, за нашиот став ќе ги информираме со допис надлежните институции и странските амбасади за тоа какво е нашето мислење во врска со овој предлог-закон и се надеваме дека сепак ќе надвладее разумот оти сакаме да тежнееме кон европски вредности, а не кон некои вредности за кои мислевме дека сме ги напуштиле. Порадикални мерки секогаш постојат, ќе разговараме на состаноците на соодветните тела, во ЗНМ и во другите медиумски организации и тука сме да бидеме на браникот на она што се принципи и вредности. Значи сè она, и штрајк, сè она што може да биде корисно во моментот за да не се донесе еден ваков предлог, бидејќи на крајот губитници ќе бидат сите, најмногу новинарите, меѓутоа од ова ќе изгубат и медиумите и државата бидејќи таа ќе изгуби од својот имиџ во меѓународните извештаи, кои ќе ја стават во листата на земји што не се грижат доволно за вредностите што треба да ги застапуваат“, вели претседателот Чадиковски.
Решение на проблемот со финансирање на медиумите, според новинарските здруженија, е формирање национален фонд за медиумски проекти, во кој ќе влезат сите медиуми и со квалитетни проекти ќе аплицираат за средства.
Од Владата се убедени дека нацрт-предлогот ги поддржува барањата на новинарските здруженија и покрај нивниот јасен став дека се против укинување на забраната за влез на државни пари во медиумите пропишана во членот 102 од Законот.
„Владата го поддржува барањето на медиумите и еснафските здруженија во делот на законските измени на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелните услуги, со кои се овозможуваат проекти од јавен интерес, Владата да може да спроведе едукативна и информативна кампања и преку радиодифузерите. Членот 102 е законско решение што е усогласено во Собранието и единствено во Собранието може да се постигне консензус за негово адаптирање или менување, што на крајот ќе биде одлука на пратениците“, велат од Владата по забелешките за нацрт-предлогот.
Нацрт-предлогот, кој новинарските здруженија го немаат, е доставен до координаторите на пратеничките групи во Собранието.