Филип Јовановски, член на иницијативата и дипломиран архитект, вели дека од референдумот за ГТЦ мора да почне битката за заштита на македонското современо градителско наследство. Градскиот трговски центар, вели тој, е метафора за одбрана на правото на град.
– Симболиката на референдумот не е само за заштита на една зграда, ГТЦ треба да биде симбол на заштитата на македонскиот автентичен модернизам кој во последните 5-6 е драстично загрозен. Ни се случи да изгубиме многу фасади. Преку ГТЦ треба да се одбрани таа македонска автентична култура и од тука да почне битката за заштита на современото македонско наследство. ГТЦ е повеќе од референдум, тој е метафора за одбрана на правото на град – изјави Јовановски од пред ГТЦ каде беше отпочната кампања за анимирање на граѓаните и нивно учество во референдумот.
На активностите кои ги предводи иницијативата „Го сакам ГТЦ“ ќе им се прудрижи и платформата „Јадро“ која брои околу педесетина членови. Искра Гешовска од „Јадро“ вели дека со референдумот им се дава можност на демократските механизми во земјава конечно да профункционираат.
– Сведоци сме на агресивното преоблекување, на бескрупулозното уништување на она што е културна меморија во оваа земја за да се инсталира друг идентитет. „Јадро“ дава поддршка за да не го изгубиме последниот бастион, ако сакаме да ја потврдиме сегашноста со некакви вредности, мораме да водиме сметка за континуитетот – смета Гешовска.