(ВИДЕО) Рамадани: „Кон потеклото на албанскиот национализам“ е добар одговор на прашањето – Што народ ќе бевте вие?

Од:

Вечерва во Клуб ГЕМ беше промовирана книгата „Кон потеклото на албанскиот национализам“ од Натали Клејер во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Поднасловот на ова дело, кое досега е преведено на албански, грчки и турски јазик е „Раѓање на една мнозинско муслиманска нација во Европа“, по објавувањето предизвикал жестоки дебати и критики во земјите каде досега е објавенo.

Авторката Клејер, една од најеминентните истражувачи на идентитетските и религиските прашања на Балканот, која вечерва беше гостинка на промоцијата во Скопје, рече дека не очекува дека сите ќе се согласат со нејзините ставови изнесени во оваа студија која ја подготвувала десет години.

– Оваа книга претставува историја на развојот на албанската национална идеја во 19. век, но тоа не значи дека е тоа единствено албанска историја. Тука станува збор за отоманска и општествена историја, односно генерално балканска историја во 19. век. Не очекувам да се согласите со тоа што го пишувам, туку да разговараме, бидејќи мислам дека често недостига токму критички дух. Не сакав да провоцирам, тоа не ме поттикна да ја напишам книгата, но тоа е поттик да се дискутира, да се дебатира и луѓето да имаат и спротивен став од мене. А не луѓето само да речат – таа е мажена за Србин и заради тоа да не ја читаат книгата, рече Клејер на промоцијата.

Според Петар Тодоров еден од преведувачите на книгата на македонски јазик и професор на Институтот за национална историја и „Istanbul Şehir University“, идеите изнесени во ова дело, можат да го објаснат и феноменот на Скопје 2014.

– Сите оние споменици и двата музеи кои се составен дел на плоштадите и преку таа политика на градење на тие споменици видов сличност со некои работи кои се опишани во книгата, а тоа се интервенциите во минатото и разбирањето на минатото на една нација. Бидејќи и спомениците на замислените национални херои и музеите на двата плоштада, за повеќето Македонци претставуваат еден нов поглед кон историјата на Македонија и за нивното потекло говори за потребата дека нацијата е постара од што се мисли и притоа е алатка за легитимизирање на одредени политички и интелектуални елити. Притоа минатото е цел на различни идеолошки интервенции, рече Тодоров.

Според Рамадан Рамадани ставовите изнесени во оваа книга од еминентанта француска историчарка се доволно провокативни за оваа книга да биде читана и во Македонија, и од Албанците и од Македонците.

– Би издвоил една реченица која ја наведува самата авторка која гласи „Конституирањето на албанската нација не беше толку посебно колку што се прикажува“. И ова е доволна читателска провокација за да се прочита целото дело. Има многу важни аспекти за осознавањето на вечното прашање поставувано од Македонците и обратно, да бидам фер, и ние Албанците ги прашуваме Македонците – што народ ќе бевте вие? Мислам дека оваа книга нуди голем број одговори на ова прашање, рече Рамадани.

На промоцијата гостуваше и Шкљезин Малиќи, публицист од Приштина кој говореше за албанската нација, митовите и вистините за нејзиното настанување и историја. Модератор на промоцијата и дебатата беше Ирена Стефоска од Институтот за национална историја.

Натали Клејер е една од најеминентните истражувачи на идентитетските и религиските прашања на Балканот. Таа е раководител на истражувања во Националниот центар за научни истражувања (CNRS) во Центарот за турски, османлиски, балкански и централноазиски студии (CETOBAC) и професор на влијателната школа за општествени науки (EHESS), која што во многу нешта ја редефинираше современата историографија.

А.Б.

Би можело да ве интересира

„Дами проверете се“ – Јавна дебата на ФОН за подигање на свеста за ракот на дојка

А1он

Анализа на Собрание: Половина пратеници говорат без аргументи, нема почит кон личноста на колеги од друга партија

Орце Костов

Одговорноста за врсничкото насилство е во целото општество и проблемот треба да се решава системски

Болсонаро навреди новинарка за време на дебата: Заспиваш размислувајќи за мене

А1он

(ВИДЕО) „Можеби и стапови ќе играат“, во дебата со советници за Охрид одново ветено отстранување на базата на Усеини

Кристијан Ландов

Заврши стручна дебата за законот за јавно обвинителство