Претседателот Стево Пендаровски на денешната прес-конференција изрази резерви во однос на одржувањето на изборите на 12 април, од неколку причини.
Пред се, тој го наведе моментот дека не сите граѓани имаат социјални мрежи за да ги следат кампањите на партиите, а како втор момент тој го наведе и самиот чин на организација на изборите и денот на самото гласање.
„Мое размислување е дека во државата можеме да направиме кампања на социјалните мрежи, но знаете дека имаме категорија граѓани кои немаат пристап до социјалните мрежи, а основниот принцип на ОДИХР и меѓународните институции е граѓаните да бидат добро и сеопфатно информирани пред да гласаат на изборите. Мојата проценка е дека може да се оди со таква кампања, но јас имам голема резерва за самиот ден на изборите“, рече тој, додавајќи дека „нема да пропадне светот ако изборите се одложат за месец или два“.
Тој додаде дека во светот досега немало случај да се организираат избори во ваква ситуација.
„Има мал исклучок на 2 март во Израел, каде имаше парламентарни избори и за првпат во историјата имаше гласачки места за луѓе кои веќе беа инфицирани од вирусот. Треба да ги видите тие гласачки места, со медицински тимови, за мала бројка на луѓе…. Имаше и во САД, но имаше проблем како да се организира пристап до тие гласачки места. Во САД постои варијанта да се гласа по пошта, но малку луѓе ја користат таа можност. Мислам дека во наредниве 5-10 дена повторно треба да се навратиме на ова прашање, бидејќи сепак најважно е здравјето на граѓаните“, вели Пендаровски.
Тој вели дека е небитно што во земјава има мала бројка на заразени со коронавирусот, туку поважно е размислувањето на луѓето „кои ќе се плашат да излезат на гласање, особено што изборите се одржуваат на затворени места“.