ВИДЕО: Нов зелен сквер за граѓаните од Карпош 2

Од:

На аголот помеѓу булеварот Илинден и улицата Никола Тесла, до гимназијата „Орце Николов“, редизајнирана е зелената површина и целосно е уреден првиот сквер согласно со потребите на граѓаните за одмор, релаксација, дружење и сл.

Целиот простор е облагороден со различни видови листопадни и зимзелени садници. Во едниот дел од скверот е оформено детско катче со различни реквизити за игра, а во другиот дел се формирани патеки, поставени се клупи и маси, чешмичка за вода, паркинг за велосипеди и ново осветлување.

Покрај редизајнот на зелената површина на оваа локација годинава во тек е редизајн на уште 3 од овие локации, една кај поликлиниката „Идадија“ во општина Центар и две на булеварот Јане Сандански во Аеродром.

– Денеска сме на првата од 7-те локации коишто ги реализиравме заедно со УНДП за уредување на микро средини, процес којшто е инклузивен, процес во кој што се вклучени сите структури на граѓани што гравитираат кон јавниот простор што го уредивме. Овде имавме релативно запуштен тревник, а сега можете да видите дека е адаптиран и е едно пристојно место каде што имаме повеќе од 36 нови садници од 6 различни видови. Во процесот на уредување беа вклучени и локалните жители, станува збор за население со претежно мали дечиња, меѓутоа беа вклучени сите возрасни групи во анкетите и овој простор е всушност адаптиран преку Скопје Лаб и УНДП на потребите и желбите на граѓаните – рече Шилегов.

Инклузивноста во овој процес подразбираше директно вклучување на граѓаните не само во изборот на локациите, туку и во идентификување на нивните потреби на секоја од овие локации поединечно. Вклучени беа различни возрасни групи на граѓани во процесот преку користење квалитативни и квантитативни методи – онлајн прашалници, теренски интервјуа, опсервација, фотодокументација. Се идентификуваа потребите на граѓаните кои живеат на локациите, гравитираат или поминуваат низ нив.

Дополнително се мапираа дневните и ноќните активности и програма, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро разбирање на постојниот социо-културен контекст.

Како резултат од процесот Скопје Лаб изработи 7 концепт дизајни за 7 различни локации, подоцна разработени во елаборати за изведба, кои се водилка за нивното понатамошно уредување од Градот Скопје и од општините.

На промоцијата на новиот зелен сквер во Карпош 2 присуствуваше и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев.

Тој потсети и на другите маалски паркови кои локалната самоуправа ги направи оваа година.

– На крајот на годината секогаш ги сублимираме резултатите. А, мило ми е што и Општина Карпош ја следеше заложбата на Градот и оваа година самостојно уредивме и повеќе јавни површини. Направивме маалски парк во Карпош 1 (на ул. „Иван Аговски“), во Карпош 3 (во ООУ „Лазо Трповски“), меѓу зградите на „Московска“ и „Женевска“ во Тафталиџе, кај „воените“ кули во Долно Нерези, а во финална фаза е и уредувањето на „чаталот“ меѓу Жданец и Трнодол, посочи градоначалникот на Карпош.

Би можело да ве интересира

Јанчева: Додека скопјани се гушат, ДПМНЕ ги намали парите за чист воздух во Буџетот на Скопје за 10 пати

Град Скопје најавува кривична пријава за Курто Дудуш поради дива депонија со канцерогени материи

Предраг Петровиќ

Град Скопје: Од 15 институции надлежни за загадувањето, само ние реагираме

Катерина Ѓуровски

Решението за опасната крстосница кај „Љубен Лапе“ заглавено во институционални лавиринти

Тодевски, Стојановски и Петковски се најдобрите полицаец, пожарникар и крводарител на град Скопје

Приватните превозници ќе добиваат надоместок по остварен километар