ВИДЕО: Наумовски си ја зголеми платата, а Ѓорче Петров нема пари за ветените базен и градинка

Од:

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски, годинава ќе зема повисока плата, а планирани се и нови вработувања во Општината во време кога владејачките структури ветуваат намалување на бројот на администрацијата.

Според буџетот што го изгласал Советот на Општината, платата на Наумовски ќе му биде повисока 4.100 денари и ќе изнесува 65.000 денари, без пресметани давачки за пензиско и здравствено осигурување. Вклучително со овие давачки, на годишно ниво произлегува дека од буџетот на Општината ќе се одвојуваат 1,5 милион денари за градоначалничката плата.

Тој на располагање ќе има и 1 милион денари за репрезентација, односно за јадење, пиење и за претставување на Општината. Во буџетот повисоки суми се одвоени и за плати, односно ако лани биле одвоени 17.370.000 денари, за годинава испланирани се 20.823.000 денари.

И покрај ветувањата на владејачките структури дека ќе се намалуваат вработувањата во јавната и државната администрација, буџетот на Општината Ѓорче Петров се зголемува речиси 1 милион денари за привремени вработувања. За нови работни сили, кои привремено ќе бидат ангажирани во Општината, на годишно ниво се издвоени 12 милиони денари.

На последната седница на Советот се изгласа и нов план за вработување, според кој во Општината ќе се вработат 20 нови луѓе.

Додека платите кај општинарите се зголемуваат, Наумовски не предвидел повеќе пари за нови градинки, реконструкција на објекти, нови капитални проекти, зголемување на платите на вработените во градинките и училиштата, списанија, весници, униформи. За 740 илјади денари се намалени и парите за наставно-образовни помагала, односно клупи, столчиња, табли итн.

Наумовски во изборната кампања вети две нови градинки, едната во Ново Село, другата во Волково. Градинката во Волково, според програмата, треба да биде готова до 2020 година, но во буџетот нема издвоено пари за оваа намена. Ставката за подготвување проекти на деловни објекти и изградба на деловни објекти изнесува 0 денари.

Наумовски вети и развој на театарска уметност, односно театар и можност за кино во општината, и тоа треба да го реализира до 2020 година, но досега ништо од ова не е реализирано. За добивањето гласови во предизборието, Наумовски беше дециден дека во Ѓорче Петров ќе има отворен и затворен базен, во програмата пишува дека изградбата ќе тече континуирано, но и од тоа засега ништо не е остварено.

Иако во текот на минатата година Ѓорче Петров имаше проблем со загадениот воздух, Наумовски решил да ја намали сумата за одржување зелени површини и наместо 1 милион денари, таа изнесува 500 илјади денари.

Општина Ѓорче Петров се соочува и со други поголеми проблеми. Во предизборието градоначалникот Наумовски ветуваше гасификација на општината, а повеќето од жителите немаат ниту атмосферска канализација. Улиците во некои од населените места не се асфалтирани, а други се со дотрајан асфалт и дупки со вирови. Жителите се револтирани и зад камерата велат дека со години одат по кал за да стигнат до дома, а возејќи по дупките, си ги уништуваат автомобилите. На Ѓорче Петров му недостигаат и градинки, но засега останува само најавата од предизборието, реализацијата ќе почека.

Кристијан Ландов

Би можело да ве интересира

Арсовска: Кривични за градоначалникот на Ѓорче и министерот за транспорт – „Нема да дозволиме еколошка катастрофа на Скопје“

Анита Петровска Рајковиќ

(ВИДЕО) Три хемиски фабрики во новиот ДУП за Ѓорче – „Загрозен животот на карпошани“, Јакимовски бара Уставен да го укине

Анита Петровска Рајковиќ

Левица: Скандалозен екоцид со амин на градоначалникот Стојкоски

А1он

Реакција на Општина Ѓорче Петров: Арсовска да не раскажува ловечки приказни, нека сработи нешто

Арсовска: Вработен во Ѓорче Петров имал дива депонија, општината била клиент, следуваат кривични пријави

Александар Тодески

Претрес во Ѓорче Петров, пронајдена дрога, приведен дилер

А1он