Од фирмата Лендсервис денеска на прес конференција посочија дека од нив било барано во два наврати да ги отстранат Ромите од одделот за храна во Сити Мол. Еднаш тоа било побарано усно на состанок, вториот пат им испратиле службен мејл со кој ги потсетуваат дека треба да постапат во однос на разговорот за отстранување на Ромите од одделот за храна.
На состанокот на 8 ми јануари беше побарано и меѓу другото да се отстранат сите вработени во одделот за храна од ромска националност, на што ние одговоривме дека не можеме да го направиме тоа бидејќи на тој оддел работат луѓе од различни националности, при што инсистираа на тоа, изјави Анета Милошева, една од сопствениците на Лендсервис.
После овој состанок сите нивни барања беа испратени по електронска пошта на нашиот мејл од истиот мејл на Сити Мол од кој ги добивавме сите официјални соопштенија.
Под точката број 8 од Протоколот за работа издаден од страна на менаџерите на Скопје Сити Мол, фирмата Ландсервис не постапи по нивното барање, односно до самиот ден на откажување на соработката од страна на Скопје Сити Мол имавме вработени од сите националности, вклучително и вработени од ромска националност, изјави Милошева.
Од Лендсервис ги отфрлија целосно вчерашните наводи од Скопје Сити Мол дека не ја оддржувале добро хигиената и затоа била прекината соработката.
Во неделата, по мејл ни ја откажаа соработката кога е неработен ден, и кога немаше никој во нашите канцеларии зашто е неработен ден. Нас како компанија не ни беше јасна основата за вакво откажување на соработката бидејќи во последните неколку недели усно добивавме пофалби за нашето работење и чистота во Скопје Сити Мол од одговорните лица на Скопје Сити Мол, рече Милошева.
Предраг Петровиќ