(ВИДЕО) Лажни наградни игри – кликот за „бесплатна награда“ води до злоупотреба на личните податоци

Од:

Измамниците кои се кријат зад новокреирани страници на „Фејсбук“, под превезот дека се работи за реномирани и добро познати брендови, ги залажуваат граѓаните дека се добитници на парични награди, ваучери, велосипеди, дури и автомобили. Институциите алармираат граѓаните да отворат „четири очи“ на кому ги споделуваат личните податоци.

Пред точно еден месец, 58 годишниот Мамер Беќир, одлучил да си ја проба среќата и да аплицира на наградна игра на фејсбук страницата на „Кам маркет фанс“. Потајно се надевал дека ќе биде еден од десетиците добитници на ваучер вреден 500 евра од истоимената компанија. Го оставил неговото име и презиме во коментар под објавата за наградната игра и веднаш бил контактиран од администраторот на страницата. Му било предочено дека главен услов за добивање на наградата е објавата да ја сподели во максимум 15 групи на „Фејсбук“. Откако го сторил тоа, му биле побарани и неговите лични податоци, за да може наградата да биде исплатена. Беќир ги оставил неговото име и презиме, адреса каде живее, матичниот број и претпријатието во кое е вработен.

„Ми побараа и сметка за да ми ги испратат парите. Јас сметката не им ја дадов, бидејќи се посомневав, дојдов при себе во моментот. Матичниот број целосно им го дадов, но, кога дојде време за сметката, сепак, не им ја дадов. Ми посочија дека ако не се регистрирам комплетно за наградата, ќе им ја понудат таа можност на други победници“, раскажува Беќир.

За време на паузата за ручек, се упатил во „Кам маркет“ во ГТЦ. Во комуникација со вработените во маркетот, му било предочено дека се компанијата не спроведува никаква наградна игра и дека се работи за измама.

„Јас само застанав и реков готов сум, нешто ќе ми се случи, бидејќи имам слушнато на телевизија дека има доста такви кои ги злоупотребуваат податоците за брзи кредити. Им пишав на администраторите на страницата дека се хиени и лажговци и дека преку измама ми ги собраа личните податоци. Откако им се заканив дека ќе ги пријавам во полиција, престанаа да ми пишуваат. Сигурно не сум единствен со вакво искуство. За среќа, барем засега, немам претрпено никаква финансиска штета, но, никогаш не се знае“, вели Беќир, кој ни напомена дека во иднина ќе биде многу попретпазлив кому ги остава неговите лични податоци.

На страницата на „Кам маркет фанс“, името и презимето на Мамер Беќир беше само едно од над илјада луѓе кои аплицирале за ваучер од 500 евра. Страницата се’ уште постои, а во меѓувреме, администраторот објави и нова наградна игра со специјални изненадувања, охрабрувајќи ги луѓето да се пријават.

Доколку се пребарува на „Фејсбук“ под називот „Кам маркет фанс“ се појавуваат десетици вакви страници со исто или слично име. Според проверката што ја направивме, дел од нив се регистрирани од неодамна и немаат споделувано никакви постови, додека во другите страници се полни со објави за лажни наградни игри.

Ова се само дел од лажните страници на кои измамниците се претставуваат под логото и името на компанијата „Кам маркет“

Испративме прашања и до „Кам маркет“. Прашавме во компанијата дали случаите со лажни наградни игри ги пријавуваат во МВР и дали добиле некаков позитивен фидбек од полицијата дека измамниците се откриени? Но, и во колкава мера е штетата која компанијата ја претрпува на репутациско ниво? Одговори, сепак, не добивме.

„Кам маркет“ е една од компаниите кои веќе неколку години се пикирани како мета на измамниците. Но, и многу други. Под превезот дека се работи за вистински компании и наградни игри, се злоупотребуваат логоата и имињата на домашни и странски брендови на ланци на маркети, банки, продавници за бела техника, нафтени гиганти…За беспари или за симболични суми се подаруваат мобилни телефони, ваучери за бензин или пазарување од маркети, велосипеди, кеси со подароци, правосмукалки по цена од 123 денари, па дури и нов автомобил.

Ова се само дел од лажните наградни игри за кои засегнатите компании ги известуваа граѓаните дека некој го злоупотребува нивниот бренд.

Дека ваквиот тренд трае од поодамна, потврдуваат и од Агенцијата за заштита на личните податоци. Од таму велат дека ѓраѓаните кои ги дале своите лични податоци за лажни наградни игри, доаѓаат во Агенцијата со чувство на срам и на страв, за да се информираат за можните последици. Кај нив биле пријавувани и искуства на граѓани кои на измамниците им давале дури и податоци од платежни картички како и копии од личните документи. Но, сепак, засега нема такви претставка за претрпена финансиска штета откако биле измамени на овој начин да ги дадат своите лични податоци.

„Откако лицата беа измамени во однос на лажните наградни игри, подоцна се срамеа да споделуваат нашите соопштенија или соопштенијата кои ги објавуваа фирмите кои пробаа во нивно име да направат злоупотреба на нивните лични податоци. Постоеше срам дека тие самите биле виновни што не е вистина, бидејќи овие измами се направени од професионалци и секој може да падне на ваков вид на измама“, вели Емилија Гиноска, портпаролка во институцијата.

Агенцијата за заштита на личните податоци не е надлежна во откривање на тоа кој стои позади тие лажни Фејсбук страници кои го мамат граѓаните. Законски, надлежноста паѓа во рамките на МВР. Во полицијата, покрај граѓаните, пријави за измами од Фејсбук страници кои се претставуваат во име на познати брендови доставуваат и компаниите. Иако прашавме, од МВР не успеавме да добиеме податоци за колкав број пријави станува збор низ годините и дали некоја од нив резултирала и со конкретна кривична пријава.

„Имаме пријави, но, за среќа досега немаме со финансиски последици. Граѓаните најчесто пријавуваат кога ќе видат дека се измамени, токму за да се заштитат од такви измами“, вели началникот на Секторот за односи со јавност, Тони Ангеловски.

Стравот на Мамир Беќир, во принцип го делат и граѓаните кои одлучуваат да пријават дека некој незаконски им ги собрал и злоупотребил личните податоци. А тоа е дека после извесно време ќе им стигне известување дека подигнале брз кредит од финансиските друштва без тие воопшто да знаат. Но, од полицијата смируваат дека засега таква поврзаност нема.

„Има случаи на вакви злоупотреби и обиди за злоупотреби, но, не е поврзано со наградните игри. Засега немаме случаи каде е поврзано со наградните игри, но имаме случај со злоупотреба каде некои луѓе ги отстапуваат своите податоци, на блиски луѓе кои подоцна ги злоупотребуваат“, објаснува Ангеловски.

И од Агенцијата за заштита на лични податоци и од МВР апелираат граѓаните да не наседнуваат на вакви измами бидејќи можат да почувствуваат и последици по нивните финансии. Со очи широко отворени, да бидат многу претпазливи кому и со која цел го откриваат својот идентитет и ги споделуваат личните податоци.

Овој текст е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот ,,Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Би можело да ве интересира

Осумдневен притвор за 32-годишен скопјанец поради „тешка кражба на дрзок начин“

А1он

Притвор за полицаец поради продажба на кокаин

А1он

Oткази за 15 високи службеници во МВР

А1он

Екс-директорот го украл ехо апаратот од болницата во Кичево

Партизацијата на МВР на дело, полицајци на партиски состаноци на ДПМНЕ обвинува СДСМ

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Тошковски удри по професионалците во МВР